Сведокот Костадин Ѓурчилов, технички директор во фирмата, одговарајќи на прашања на Обвинителството рече дека иницијативата „Дигитал Медиа Лаб“ да учествува на тендерот за системот за биометринска идентификација потекнала од сега покојниот Жарко Луковски поранешен извршен директор на Телеком
На денешното рочиште од судскиот процес за случајот Софтвери сведочеа двајца директори во фирмата „Дигитал Медиа Лаб“ која го доби тендерот за системот за биометриска идентификација, една од јавните набавки поради кои поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шестмина се најдоа на обвинителна клупа.

Сведокот Костадин Ѓурчилов, технички директор во фирмата, одговарајќи на прашања на Обвинителството рече дека иницијативата „Дигитал Медиа Лаб“ да учествува на тендерот за системот за биометринска идентификација потекнала од сега покојниот Жарко Луковски поранешен извршен директор на Телеком. На негова иницијатива, како што истакна сведокот, биле организирани два состаноци во Владата, поточно во кабинетот на Рашковски, како тогашен генерален секретар, на кој била извршена презентација на други системски решенија.
По овие состаноци Луковски повторно ја контакрирал фирмата и прашал дали можат да направат систем за биметриска иднетификација.
„Јас реков дека ние немаме техничка можност да изработиме ваков систем“,
рече сведокот.
По извесно време, Луковски повторно се јавил и им кажал дека ваков систем развиваат во ФИНКИ, но оти факултетот не може да учествува на тендерот.
Како што посочи сведокот, бил организиран состанок на кој професорот Ивица Димитровски сега обвинет во случајот, дал опис на главните компоненти на системското решение и неговата функционалност, а по еден месец бил договорен нов состанок на кој им било презентирано решението.
Одговарарајќи на прашања на обвинителката Ивана Трајчева, Ѓурчилов рече дека од ФИНКИ, кој го изработил софтверот им било сугерирано хардверот да го набават од фирмата „ГБЦ системи“, чиј сопственик е обвинетиот во случајот Игор Христов, кој исто така беше надворешен соработник на Рашковски во Владата.
„Јас опремата не ја видов кај нас (во фирмата). Опремата беше набавена од `ГБЦ системи` и заедно со системското решение (софтверот) беа инсталирани и однесни во Владата каде беше извршено примопредавање на кое од кај нас присуствуваше Александар Пејчиновски“,
рече сведокот.
При вкрстеното испрашување, адвокатката Сузана Јошевска – Анастасовска, која е бранител на Ивица Димитровски се осврна на делот околу иницијативата на Луковски и меѓу другото го праша сведокот како нејзиниот клиент дошол во контакт со „Дигитал Медиа Лаб“.
„Првиот состанок го организираше Дуца Зврлевска (вработена во фирмата). Тие најверојатно имаа комуникација преку покојниот Жарко Луковски“,
рече Ѓурчилов.
Тој истакна дека на никој начин не бил близок со Ивица Димитровски.
„Тој ни кажа дека фирмата `ГБЦ` е увозник на опремата, скенери што тој (Ивица Димитровски) ги користел во развојот на системското решение“,
рече Ѓурчилов.
Јошевска – Анастасовска го доведе во прашање присуството на сведокот на посочените состаноци.
„Од вашиот исказ поризлегува дека и првиот контакт со Жарко Луковски и со Ивица Димитровски бил направен од Дуца Зврлевска. Не можете да потврдите дека сте имале директна комуникација со Ивица Димитриевски“,
рече адвокатката.
Пред, Ѓурчилов, како сведок пред судот исказ даде и неговиот колега Александар Пејчиновски, кој исто така, рече дека софтверот за системот за биометриска идентификација со кој го добиле тендерот на Владата, бил развиен од ФИНКИ, а хардверот бил набавен од фирмата „ГБЦ системи“.
„Јас не учествував во тие контакти за соработка со ФИНКИ, бидејќи кај нас има сектор кој го води тие работи околу јавните набавки, тој сектор и го водеше тој дел и комуникацијата одеше преку нив“,
рече Пејчиновски, кој во тоа време, односно 2019 година бил управител на „Дигитал медиа лаб“.
Како што рече управителот, софтверот го купиле од ФИНКИ за околу 21, милион денари, а хардверот од „ГБЦ системи“ за 4,1 милион денари.
„Опремата не беше доставена до нас, беше доставена до Генералниот секретаријат на Владата“,
рече Пејчиновски, одговарајќи на прашања на Обвинителството.
Тој објасни како течело примопредавњето, односно дека во Владата го пречекал Игор Христов, надворешен соработник ангажиран од Рашковски, чија фирма инаку му ги продала хардверските делови барани со тендерот.
„Бев примен во кабинет, имаше лаптоп, имаше стажала каде беше поставен апаратот за скенирање на зеница од око, на биро имаше апарат за идентификација на отисок од прст. Дента се јавив и ме прими Игор Христов, во просторијата имаше лице од ФИНКИ кој го презентираше програмот. Истиот беше презентиран пред комисија од 3-4 члена. Иако по договорот стои, но не бевме повикани да извршиме инсталација“,
рече Пејчиновски, кој на прашање на обвинителката потврди дека следните неколку дена по примопредавањето на системот во целост била исплатена фактурата.
На денешното рочиште изјава пред судот даде претставник на правобранителството, околу висината на средствата што државата бара да бидат наплатени од обвинетите како отштета.
Последен сведочеше Мухамед Халин, полициски инспектор вработен во Министерството за внатрешни работи, кој од јуни 2017 до мај 2021 година работел во Шестата управа за обезбедување лица и објекти и му бил телохранител на поранешниот генсек на Владата, сега првообвинет во случајот.
Тој пред судот рече дека на барање на Рашковски во банки вршел уплата на пари што поранешниот генерален секретар на Владата, сега обвинет му ги давал во кеш.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.