Државното правобранителство пред судот изјави дека од Рашковски бара да надомести 1 416 000 денари отштета во врска со кабина за биометриска идентификација и препознавање регистарски таблички. Противправната имотна корист со која се стекнал Рашковски, а беше посочена од претставничката на Народниот правобранител е сума од 880 000 денари
Претставникот на државното правобранителство Елена Саздовска во изјава пред судот на денешното рочиште за случајот „Софтвери“ во кој првообвинет е ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, соопшти дека државата побарува отштета од обвинетите во вкупен износ од 18 194 000 денари.
Од обвинетиот Рашковски и уште тројца обвинети, државата, како што рече државниот правобранител, бара да надоместат 6 405 000 денари за набавка на системот. Имотно-правно побарување од 4 605 000 денари за АНРП-системот за препознавање регистарски таблички.
Државното правобранителство пред судот изјави дека од Рашковски бара да надомести 1 416 000 денари отштета во врска со кабина за биометриска идентификација и препознавање на регистарски таблички. Противправната имотна корист со која се стекнал Рашковски, а беше посочена од претставничката на Народниот правобранител е сума од 880 000 денари.
„Предлогот за остварување на имотно правно побарување е заснована на обвинителниот акт, како и наод од мислење изготвено од вешти лица и извештај од Владата”,
рече претставничката на државниот правобранител Елена Саздовска.
На изјавата на државниот правобранител приговараше одбраната според која постои конфликт на интереси меѓу државниот правобранител и Владата бидејќи, како што истакнаа адвокатите, Владата не побарува имотно-правна отштета.
Во продолжение на денешното рочиште пред судот се проверуваше содржината на ново уесбе со податоци односно пораки од електронска кореспонденција меѓу обвинетите бидејќи првото уесбе не се отворало, па мораше да се направи споредба со материјалот на новото и податоците содржани во списите од доказниот материјал.
Инаку, на уесбето се содржани доказите под број 17 и 18. На ова приговараше одбраната и Рашковски која истакна дека станува збор за идентично уесбе како првичното само затоа што обвинителството така тврди.
„Мене ми е мило што денеска присуствуваме на историски настан. Има копија од доказ, а немаме никаква гарантна документација да видиме кој ја креирал копијата”,
рече Рашковски.
Обвинителката Ивана Трајчева на ова рече дека не се изведува нов доказ туку само ќе се направи споредба на содржината на пораките. Судијката, пак, истакна дека уесбето не е доказ сам по себе туку неговата содржина ќе биде во корелација со другите докази.
Во една од пораките од доказот 17 која беше презентирана се вели:
„Ако види го ова, ако ти фаќа око, да направиме и за ова тендер.”
Во друга електронска кореспонденција, како што беше презентирано, стои:
„Тоа да, ама без МВР тешко, затоа што кај нив се базите.”
„Види ако можеш среди ги датумите”,
се вели во друга порака.
Во друга порака пак се наведува:
„Драги го префрлив текстот во нов темплејт како да е од годинава”,
а во друга порака стои:
„Земав некоја база демек сме тестирале.“
Рочиштето продолжи со сведокот Александар Пејчиновски вработен во „Дигитал медиа лаб”.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.