Пејовска-Дојчиновска е актуелна членка на Државната комисија за спречување на корупцијата. Претходно била дел од Секретаријатот на оваа институција, а уште порано, пак, дел од тимот во Министерството за правда кој практично ја создал ДКСК
Актуелната членка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Софка Пејовска-Дојчиновска, е избрана за нов заменик-претседател на ова тело.
Одлуката е донесена од страна на членовите на Комисијата на денешната 90. седница, на чиј дневен ред се најде и точката за избор на нов заменик-претседател на ДКСК.
Софка Пејовска-Дојчиновска доаѓа на местото на Катица Николовска, на која членовите на Антикорупциската комисија на денешната седница ѝ заблагодарија за досегашниот вложен труд.
„За следен заменик-претседател се предлага најстариот член, кој работи од првиот ден од формирањето на ДКСК“,
рече претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска пред гласањето.
Пејовска-Дојчиновска е актуелна членка на ДКСК. Претходно била дел од Секретаријатот на оваа институција, а уште порано, пак, дел од тимот во Министерството за правда кој практично ја создал Антикорупциската комисија.