Опозицијата обвини дека власта го истуркала решението на сила, поради што оваа операција од статистичка станува политичка
Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива рече дека ќе гласаат за законот иако не се прифатени нивните барања
Со 62 гласа „за“ Собранието денеска го изгласа Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи во април годинава. Општиот претрес за овој закон заврши минатата недела, но поради немање кворум гласањето се одржа денеска.

Пред гласањето, процедурално се обрати пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива (коалиција со Алијанса за Албанците), кој рече дека ќе го поддржат Законот бидејќи бил важен за граѓаните, иако, како што рече, не биле земени предвид нивните барања. Според него, со постојното законско решение – правата на Албанците ќе зависат од пописот.

„Ние баравме да не стои воопшто етничката графа во Законот за попис или во Уставот да се тргне формулацијата јазикот што го говорат над 20 проценти од граѓаните. Нашите забелешки беа и за методологијата, која не е воопшто објаснета“,
рече Реџепи.
Kоординаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека на владејачкото мнозинство му недостасува повеќе од еден пратеник, на што собранискиот спикер Талат Џафери му одговори дека гласањето ќе покаже дали има доволно пратеници.
Мицевски го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека пописот ќе биде нереален и упати критики дека ниту еден нивни амандман не бил прифатен. Тој го критикуваше и постоењето на врзан потпис на директорот и заменик-директорот на Заводот за статистика, за што Џафери реагираше дека е производ од пржинскиот договор.

„Законот пак е во скратена постапка со козметички измени. Изминативе денови се лицитира со проценти и признавање, односно непризнавање на резултатите на пописот, што ми дава за право дека нашите забелешки се оправдани и дека повеќето забелешки, меѓу кои и врзаниот потпис на директорот и заменик-директорот и дека пописот од статистичка, преминува во политичка операција. Ваквото решение нема да биде објективно или фер, пописот нема да биде реален. Го истуркавте решението на сила и не е прифатен ниту еден од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ и ефектите ќе се видат наскоро, а одговорноста ќе биде ваша, ние нема да учествуваме во гласањето“,
порача Мицевски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно најавија дека ќе бараат поништување на Законот за попис откако тој ќе биде донесен. За таа цел партијата најави собирање најмалку 10 илјади граѓански потписи за поднесување предлог-закон за поништување на Законот за попис.