Во оваа насока, претседателот на Собранието кажа дека пратениците не одговараат пред претседателот на Собранието или пред собраниската служба, а доколку има индиции за злоупотреба на ова пратеничко право, постапка треба да покрене друга институција. Дотогаш останува на совеста на пратениците дали ќе ја злоупотребат исплатата на патни трошоци
Собранието нема посебен механизам со кој би се испитала евентуалната злоупотреба на правото за исплата на патни трошоци од страна на пратениците ниту, пак, да се утврди веродостојноста за исполнување на ова пратеничко право.
Ова на денешниот брифинг со новинарите го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери коментирајќи ги високите патни трошоци кои им се исплаќаат на пратениците.
Во оваа насока, Џафери кажа дека пратениците не одговараат пред претседателот на Собранието или пред собраниската служба, а доколку има индиции за злоупотреба, постапка треба да покрене друга институција.

Тој порача дека останува на совеста на пратениците дали ќе го злоупотребат правото за исплата на патните трошоци оти, како што рече, ниту тој ниту кој било може да им ја скрати можноста да си наплатат за трошоците што ги прават при доаѓање на работа во Собранието.
„Прво и основно, со Деловникот е пропишано под кои услови се остварува правото на патни трошоци и користење стан за таа намена, значи како алтернатива. Условите се пропишани во Деловникот што присуството секој пратеник го докажува со потпишувањето на списокот за присуство на седница на Собранието, односно на седница на работните тела и во тој контекст никој никому не може да му го оспори тоа право додека е тоа докажано со потпис“,
додаде собранискиот спикер.
Врз основа на податоци добиени преку барање за информации од јавен карактер, ТВ Сител неодамна објави дека седумдесет и три народни избраници за 11 месеци инкасирале 360 000 евра народни пари за да ги покријат своите патни трошоци. Најмногу патни трошоци пријавиле народните избраници од најголемата владејачка партија СДСМ, а по нив е пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието на денешниот брифинг со новинарите не ја коментираше висината на исплаќаните патни трошоци оти, како што рече, без разлика дали се високи или не, законите налагаат тие да бидат исплатени.