Пратеничката Жаклина Лазаревска од редовите на СДСМ изјави дека студентскиот оброк треба да биде студентски оброк, а не финансиска помош. Таа истакна дека ги испочитувале барањата на студентите. За пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ова значи само пролонгирање на студентскиот револт
Собранието денеска донесе одлука Предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк да се носи по скратена постапка.

Потребата за носење на Предлог-законот по скратена постапка ја поддржаа 54 пратеници, кои гласаа „за“ и Собранието ги задолжи Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело и Законодавно-правна комисија да расправа по предлогот, пренесува Радио Слободна Европа.
Пратеничката Жаклина Лазаревска од редовите на СДСМ изјави дека студентскиот оброк треба да биде студентски оброк, а не финансиска помош. Таа истакна дека ги испочитувале барањата на студентите и во овој момент, како што рече „нудиме само едно преодно решение кое што значи продолжување на исплата на студентски субвенциониран оброк во истите услови како и претходно се напомена дека тоа ќе важи до март 2023 година“.
„Погрешивме, се извинуваме, ама од таа грешка излеговме посилни бидејќи студентите седнаа и разговараа со нас, разговаравме и на некој начин дојдовме до заедничко решение“,
рече Лазаревска.
За пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ова значи само пролонгирање на студентскиот револт.
„Нема победа, им продолжувате рок, пролонгирате студентски протест, револт затоа што до март месец, па си викате од март ќе купиме некој месец па ќе тераме некоја друга стратегија кон “,
рече Мицевски.
Пред два дена „Студентски отпор“, организираше протест против измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, но ден потоа од организацијата порачаа дека не се задоволни од договореното на средбата во Собранието меѓу студенти – претставници на универзитетски собранија со пратеници и министерот за образование и наука.
Поради ова тие повикаа на студентски марш в четврток.
Тие бараат да се зголеми износот за студентски оброк од 120 на 150 денари, да се израмни сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите, да се издвојат средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, да се има долгорочен план за формирање на „студентски градови” и да се стопира најавената приватизација на студентските домови.