Пратениците со 75 гласа „за“, ја донесоа одлуката за припадник на Армијата во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Либан. Оваа точка доби поддршка и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј пратеник, Драган Ковачки рече дека кон оваа прашање имаат конструктивен став
Собранието доцна попладнево го изгласа дневниот ред на 84. седница, прва по летните одмори.
Пратениците со 75 гласа „за“, ја донесоа одлуката за припадник на Армијата во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Либан.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки забележа дека неколку часа чекале да се усвои дневниот ред, посочувајќи дека ќе дадат поддршка на одлуката за испраќање припадник на Армијата во меѓународната операција „УНИФИЛ“.
„Како опозиција имаме конструктивен став и оваа точка ќе ја поддржиме. Нема да вршиме никаква опструкција на овие предложени решенија“,
рече Ковачки.
Со 62 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас против, Собранието ја донесе и Одлуката за објавување јавен оглас за именување на членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Предлог- закон за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ќе биде разгледуван кога ќе има услови односно кога ќе помине на Комисијата за надворешна политика, а од истите причини не можеше да се разгледа и предлог-законот за ратификација на Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
По барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски не беше разгледан и дополнетиот Предлог на закон за буџети, затоа што во исто време има закажано седница на Комисијата за финасирање и буџет.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека седницата ќе продлжи утре во 12 часот, онаму каде, како што рече, ќе има услови за отворање дебата.
Тој апелираше до тогаш да работат соодветните комисии.
Првата седница по годишните летни одмори на пратениците почна со задоцнување од еден час, а по почетокот и расправата околу дневниот ред спикерот Талат Џафери даде пауза до 16 часот и ги повика координаторите на пратеничките групи да ги соберат пратениците по паузата за да го изгласаат дневниот ред.
На почетокот, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа да се повлечат и да се преместат неколку точки од дневниот ред. Најмногу барања имаше за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, да биде ставена како прва, втора или трета точка од дневниот ред, што не беше прифатено.