Со измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2 400 денари месечно. За измените пратениците од опозицијата гласаа воздржано и бараа на студентите да им се исплаќаат по 160 денари

Собранието денеска го донесе Законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, кој се носеше по скратена постапка. Законот беше изгласан со 58 гласа „за“ и со 21 „воздржан“
Со измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2 400 денари месечно. За измените пратениците од опозицијата гласаа воздржано и бараа на студентите да им се исплаќаат по 160 денари.
Предлагачи на Законот се пратениците Даниела Колева, Даниела Николова, Драгица Ѓавочанова, Емилија Рамбабова, Жаклина Лазаревска, Зекир Рамчиловиќ, Лидија Тасевска, Љатифе Шиковска, Марија Костадинова, Марија Кочовска, Моника Зајкова, Мухамет Кадриов и Санела Шкријељ.
Бојан Стојановски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека со овој закон студентите ќе земат 120 денари до март 2023 година и оцени дека со разговорите на владините претставници и студентите што ги претставуваа своите колеги е постигнат договор „да се купат пет или шест месеци“. Стојановски истакна дека меѓу студентите што преговарале биле студенти „што не излегле од штабовите на СДСМ и на ДУИ“. Според него, Владата требала да одвои 200 000 евра годишно повеќе за тие околу 40 000 студенти да земаат уште 40 денари повеќе. Стојановски најави дека ќе поднесат амандмани на Буџетот за 2023 година за висината на оброкот, како и за реновирање на студентските домови. Пратениците од опозицијата го бараа и договорот што е постигнат со студентите.
Пратеникот на опозицијата во својот говор го спомена претседателот на државата Стево Пендаровски и нагласи дека висината на неговата плата е 90 000 денари. На ова реагираше претседателот на Собранието Талат Џафери, кој рече дека со нивните плати не смее да се политизира.
Измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се преодно решение за продолжување на исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови како и досега, со траење до март 2023 година. Со нив се предвидува сите студенти кои и досега земале студентски оброк и ги исполнуваат условите за тоа со сегашното решение, да продолжат да земаат 120 денари до 15 март 2023 година, а потоа да се изгласа ново решение во договор на работната група, што произлезе од средбата со претставниците на студентските сојузи во Собранието. Студентите треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември досега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.
Вчера во организација на младинското движење „Студентски отпор“ се одржаа протести на кои студентите ги повторија барањата за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк, изедначување на стипендиите, дигитализација и подигнување на квалитетот на образование.
Во организација на младинското движење „Студентски отпор“ во понеделникот се одржа уште еден протест, а по кој беше постигнат договор да остане постојното решение за субвенциониран студентски оброк до наоѓање системско решение.
Од Владата вчера порачаа дека се работи на сите прашања заради кои се повикува на протести и оти во најскоро време ќе има решенија.