Со таканаречниот брз заем на Светска банка наменет за зајакнување на здравствените системи во 100 земји во светот, бенефит треба да има и земјава.
Дел од тие средства што ќе ги добие Македонија веќе е изработен план и меѓудругото ќе се искористат за поставување на мобилните 16 мини ковид-одделенија до сите болници низ земјава.
Ова денеска го кажа министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, во врска со заемот од Светска банка и додаде дека за оваа година се предвидени десет милиони долари, за кои вели дека сепак нема сите да бидат потрошени, бидејќи целата постапка доцнела.
За следната година со тие средства е предвидено опремување на неколку постојни болници, кои се соочуваат со недостиг од опрема, а во кои има услови за интензивна нега, како што се болниците во Тетово, Охрид и во Струмица.
„Ќе се обезбедат и лекови за цела 2021 година, сите лекови, кои сега ги имаме преку Студијата од СЗО, помошта од Јапонија, понатаму сите лекови коишто се даваат за овие најтешки пациенти, но и за соодветен број тестови за територијата на цела држава, а сума на пари ќе оди за поддршка за ФЗОМ и ќе се дистрибуира еднакво до сите јавно здравствени установи“,
рече Филипче.
Додаде дека проектот бил подготвен уште на почетокот на летото, но како што рече, тогаш не бил потпишан од заменичката-министерка за финансии.
„Тој подразбира конкретно зајакнување на системот за етаблирање на нови ковид-центри со опремување, понатаму зајакнување на постојните капацитети со опрема, лекови и се што значи поддршка на персоналот, секако поддршка на ФЗОМ. Останатиот дел од заемот е за МТСП“,
рече Филипче.