Оттаму потсетуваат дека токму Ставрески е познат по реченицата „Трошиме за чоколадо, а немаме ни за леб“

ВМРО-ДПМНЕ пред два дена објави дека некогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески, ќе биде на чело на работно тело кое ќе ја следи реализацијата на проектите ветени во кампањата за локалните избори.
Зоран Ставреси беше министер во владите на Никола Груевски, а СДСМ вели дека со неговото враќање опозицијата покажува дека не бележи никакви промени.
„Во Белиот дворец е присутна истата режимска матрица на Никола Груевски. Вистински доказ за тоа е и враќањето на висока партиска функција на кумот на Груевски и поранешен министер за финансии Зоран Ставрески. Истиот тој Ставрески во 2012 на црниот понеделник даде налог на собраниското обезбедување насилно да ги исфрли новинарите, а потоа и пратениците од собраниската сала. Тој ист Ставрески како министер за финансии ја презадолжи државата за да се финансира проектот Скопје 2014, тој е истиот Ставрески кој беше десна рака на Никола Груевски во спроведување деструктивни економски политики“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Тие потсетуваат дека токму Ставрески е познат по реченицата „Трошиме за чоколадо, а немаме ни за леб“ и предупредуваат дека со такви луѓе се враќаме назад и не се случува интеграција со светските демократски текови.