Наместо најстроги мерки на обезбедување, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, судиите на СДСМ и ДУИ го пуштиле дома синот на пратеникот Исмаил Јахоски
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на одлуката на Кривичниот суд Скопје за мерката куќен притвор што му ја одреди на Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Наместо најстроги мерки на обезбедување, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, судиите на СДСМ и ДУИ го пуштиле дома синот на пратеникот Исмаил Јахоски.

Посочувајќи дека еден од обвинетите во случајот – поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски – е во бегство, владејачката партија прашува врз основа на што Судот верува дека останатите осомничени нема да бегаат.
„Кој ќе одговара ако уште некој од осомничените избега? До кога судиите ќе им служат на СДС и ДУИ, а не на народот. Пресудите се носат во име на граѓаните, а не во име на партиите СДС и ДУИ. Судиите да се освестат и да почнат да работат по закон. Одговорноста за секој пропуст и криминал е нивна“,
изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Стојановски ги обвини СДСМ и ДУИ дека штитејќи го судството, тие штитат криминал од 167 милиони евра.
„Шемата во којашто се вмешани врвни функционери на СДС, како Васко Ковачевски кој е во бегство, синот на пратеникот Јахоски, кој има бизнис мрежа која се протега до зетот на Али Ахмети е тешка 167 милиони евра. Оваа шема со години ја труеше Македонија, а тие испумпаа стотици милиони евра. Тоа што институциите го процесирале до правосудните органи е веќе познато за целата јавност. Граѓаните знаат кој ги труел и притоа ги крадел. Само судиите на СДС и ДУИ ги штитат криминалците“,
вели Стојановски.