Мисајловски рече дека во мирното решавање треба да се гледа најголемата шанса бидејќи тоа ја опфаќа и колективната безбедност

Нема да има македонски војници на украинска почва, тоа досега од нас како држава никој не го побарал, вели министерот за одбрана Владо Мисајловски.
„Нема стигнато вакво барање до нас. Дека се размислува и дека е една од темите, да. Различни земји имаат различни размислувања за сето ова. Дали по завршување на ова мирно решавање ќе има потреба за каква било помош или мировници, прво ќе треба да го видиме барањето и на што се мисли“,
рече Мисајловски по посетата на припадниците на Првиот пешадиски баталјон на Армијата во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево.
Мисајловски додаде дека земјава, како членка на НАТО, е четврта по ред во доделена помош за Украина.
„Она што оваа влада го направи во изминатиот период е тоа што додели уште еден пакет, но сега во овој период се смени наративот во геополитиката во светот и она што вчера можеше да се слушне е дека на масата е предлог за мир и ние сме држава која е насочена кон мирот“,
додаде Мисајловски во одговор на новинарски прашања.
Мисајловски рече дека во мирното решавање треба да се гледа најголемата шанса бидејќи тоа ја опфаќа и колективната безбедност.
„Најпрво има потреба за мир, а потоа ќе има потреба за дополнителна помош кон Украина, особено за обновата на земјата во инфраструктура, во капацитети, но првин да се дојде до мирно решение при што ние стопроцентно застануваме зад мирно решение“,
рече министерот.
Тој потврди дека началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, вчера учествувал на состанокот во Париз, во рамки на парискиот одбранбен и безбедносен форум во организација на началниците на генералштабовите на Франција и Обединетото Кралство. На состанокот учествувале воени претставници на 30 земји од ЕУ и/или НАТО, меѓу кои Велика Британија и Турција, чиј домаќин бил францускиот претседател Емануел Макрон.
„Началникот беше на тој состанок вчера, имавме неколку разговори, меѓутоа има различни мислења на различни земји, се размислува за некои нови чекори, планови како да се воспостави мирот и како да се делува во иднина, но тоа се само големи разместувања на различни земји, но не е стриктно дадено како солуција што ќе се случува наредниот период. Добро е што сите имале свои мислења, ние ја кажуваме нашата позиција дека сме за мирно решавање, за мир“,
рече Мисајловски.
САД и Украина вчера на состанокот во Џеда постигнаа договор за 30-дневен прекин на огнот, кој може да се продолжи со заедничка согласност на Русија и Украина.
Договорот вклучува обновување на американската воена помош и размена на разузнавачки информации за Украина.
Целта на договорот е да се отвори простор за преговори со Русија, додека Украина се согласи да формира преговарачки тим и да работи на трајно решение на војната. Путин претходно нагласи дека му е потребна долгорочна безбедност за Русија, а не привремено примирје.
