Од УХМР денеска инаформираа дека во наредните денови ќе продолжи периодот на сончево и многу топло време, а температурата на некои места се очекува да се искачи и над 40 степени. Особено топло ќе биде од четврток до средината на следната седмица, кога на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) препорачува во текот на овие денови, кога се најавува сончево и многу топло време, граѓаните постојано со себе да носат шише со вода, да бидат облечени во светла, лесна и комотна облека, главите да им бидат заштитени со капа, шешир или со чадор. Од ИЈЗ исто така велат дека треба да се јаде овошје и салати, да не се јаде топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира, како и да се избегнува пиење на алкохол, кафе, чај.
Во препораката од ИЈЗ се вели дека граѓаните треба да се разладуваат со вентилатори или клима уреди, а туширањето да биде со посвежа или млака вода.
„Ако сте во затворен простор со вклучено ладење од клима уредот, пред да излезете надвор во топла средина исклучете ја климата барем половина час пред тоа, за да полесно се адаптирате на температурната разлика“,
нагласуваат од ИЈЗ.
Активностите на отворено, додаваат од ИЈЗ, треба да бидат во поладни периоди од денот, пред 11 и после 17 часот.
За граѓаните кои планираат да патуваат, од ИЈЗ препорачуваат да се добијат информации за заразните заболувањa и потенцијалните ризици по здравјето во подрачјето каде се планира да се патува.
„Задолжително да се понесе средства за заштита од инсекти, крем за сончање со заштитен УВ-фактор над 30, алкохолни дезинфекциони средства и здравствената книшка“,
се дел од препораките од ИЈЗ.
Исто така, за време на патувањето од ИЈЗ велат дека треба да се носи соодветна облека и обувки.
„Облеката треба да биде во светла боја, со долги ракави и ногавици, а секогаш кога е можно, носете чорапи и чевли за да биде покриена што поголем дел од површината на телото. Имајте на ум дека комарците касаат дење и ноќе, на отворено и на затворено. Комарците кои ги пренесуваат инфекциите со зика, денга и чикунгуња се најактивни во текот на денот и во самрак, а комарците кои пренесуваат маларија се најактивни во приквечерие и навечер“,
нагласуваат од ИЈЗ.
Трето правило, според Институтот, е да се користат заштитни мрежи, или граѓаните да одмораат во климатизирани простории.
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат доколку за време на патувањето граѓаните се разболат да побраат медицинска помош.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска инаформираа дека во наредните денови ќе продолжи периодот на сончево и многу топло време. Дневната температура ќе биде над 30 степени, а на некои места се очекува да се искачи и над 40 степени. Особено топло, според прогнозата на УХМР, ќе биде од четврток до средината на следната седмица, кога на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.