Војниците на АРМ се со полесни повреди, информираат од Министерството за одбрана. Станува збор за сообраќајната несреќа во која утринава беа повредени 16 припадници на Армијата.
Тие патувале во автобус на на релација Струмица-Штип и на само неколку километри пред Штип автобусот се превртел странично.
Како што информираат од Министерството за одбрана, автобусот превезувал припадници на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на организираниот превоз на релацијата Струмица-Радовиш-Штип-Петровец.
„Во сообраќајната незгода, која според нашите и информациите од МВР се случила во 6:47 минути на осум километри пред Штип, се превезувале 16 припадници на Армијата до своите работни места во горенаведените гарнизони, при што според првичните сознанија кај дел од нив има полесни повреди и во моментот сите припадници се превезени во Болницата во Штип каде што им се вршат лекарски прегледи со цел утврдување на нивната здравствена состојба“,
соопшти Министерството.
Увид на место на настанот е извршен од страна на јавен обвинител и МВР, а на терен излегол и тим од воената полиција.
„Припадниците на Армијата по извршените прегледи ќе постапуваат согласно со дадените препораки од лекарите“,
велат од МО.
Автобусот од типот „сетра” во сопственост на фирмата „Тритерол” од Струмица која го реализира организираниот транспорт има потврда за исполнување на потребните технички услови за превоз на патници.