Добивме 80 милиони евра за директна буџетска поддршка за да се компензира таа разлика во цените на електричната енергија, пред сè за индустријата. Тоа е многу важно затоа што со ова ЕУ веќе почнува да нè третира како да сме земја членка, нагласува Османи
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Европската Унија веќе ја третира Северна Македонија како да е земја членка.
„Пакетот за енергетска помош е една милијарда евра за целиот регион, 500 милиони е грант, а 500 милиони во комбинација со заеми. Ние добивме 80 милиони евра за директна буџетска поддршка за да се компензира таа разлика во цените на електричната енергија, пред сè за индустријата. Тоа е многу важно затоа што со ова ЕУ веќе почнува да нè третира како да сме земја членка“,
рече Османи на денешната средба со новинарите.
Според него, пари добиваме согласно големината и потребите, меѓутоа ЕУ, сепак, веќе нè третира како да сме земја членка.
„ЕУ веќе не внесе во платформата за купување на гас, во платформата за купување енергенси, за компензација од последиците од енергетската криза и веќе чувствуваме дека сме дел од ЕУ“,
додаде Османи.
Министерот рече дека сега сè ќе зависи од нас и дека не треба сè да се земеме здраво за готово. Нагласи дека фактот што претседателката на Европска комисија, која ја води најголемата влада на 500 милиони луѓе, ја посетила земјава е значаен сигнал за Северна Македонија.
„Тоа е поради покажаниот интерес за тоа што го правиме. Доколку ние тоа не треба да го потценуваме и тој фокус не го користиме, исполнувајќи ја агендата на реформи, исполнувајќи ги нашите обврски, сплотувајќи се овде за агендата за реформи“,
нагласи Османи.
Тој уште еднаш ја афирмира идејата дека мора да се постигне договор меѓу политичките партии, дека во наредните 8 години, до 2030 година, кој и да е на власт, прашањата за Европската Унија нема да ги стави во дневнополитичката агенда на натпревар бидејќи нема да има можност за тоа.
„Директивите и регулативите на ЕУ се фиксни, вие не можете да ги преговарате. И да има влада на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, тие регулативи мора да ги прифатиме. Ако немаме простор за преговори со ЕУ, зошто тогаш таа тема да биде спорна помеѓу нас, ако веќе сме сите решени да влеземе во Европската Унија. Крајно време е да седнеме да потпишеме еден таков договор дека кој и да е на власт кога станува збор за ЕУ ќе се поддржуваме. Опозицијата во Собранието преку своите механизми, Владата преку институциите, ќе ја споделиме и одговорноста и заслугите за успехот понатаму“,
рече Османи.