Дека се договарало за набавка на лигнит, јаглен и мазут, денеска од Грција потврди и премиерот Димитар Ковачевски, кој рече и дека е договорено доколу се случи какво било ограничување на извозот на енергенти од Грција, тоа да не важи за Република Северна Македонија
Со Грција денеска се договарала испорака на еден милион тони јаглен и 250 000 тони мазут за земјава, информираше вечерва генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во интервју за „Топ тема“ на Телма ТВ.
Како што рече Ковачевски,, јагленот ќе биде примарно за потребите на РЕК Битола, но дел од количините ќе може да бидат користени и за РЕК Осломеј, додека мазутот е за термоелектраната во Неготино, а дел од количините се и за Битола и Осломеј.
„Денеска договаравме за наредните 12 месеци да имаме испорака на околу 80 000 тони јаглен месечно, примарно за потребите на РЕК Битола, но дел од количините може да бидат користени и за РЕК Осломеј. За 12 месеци треба да обезбедиме еден милион тони јаглен по конкурентна цена. Сметаме дека со овие количини ќе ги задоволиме потребните дополнителни количини јаглен за производство на дополнителната електрична енергија. Во однос на мазутот, цената е регулирана. РКЕ ја одредува цената и по таа цена го купуваме. Денеска разговаравме за количини кои ќе бидат потребни од ноември до крајот на април, за седум месеци. Месечно ќе ни требаат 30 000 – 35 000 тони или вкупно 250 000 тони додека трае грејната сезона. Од нив 80 – 90 отсто ќе бидат за термоелектраната во Неготино, но дел од количините се и за во Битола и Осломеј“,
рече директорот на ЕСМ.
Тој потсети дека кон крајот на февруари и почетокот на март годинава беше склучен договор за набавка на 144 000 тони мазут и таа набавка трае заклучно со октомври.
Дека се договарало за набавка на лигнит, јаглен и мазут, денеска од Грција потврди и премиерот Димитар Ковачевски, кој рече и дека е договорено доколу се случи какво било ограничување на извозот на енергенти од Грција, тоа да не важи за Република Северна Македонија.
„Прво, снабдувањето со лигнит и јаглен, кој доаѓа од рудниците во Грција, ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК ‘Битола’ и во РЕК ‘Осломеј’. Втората тема на која постигнавме договор е непречено снабдување со мазут преку Грција како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ ‘Неготино’, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет“,
рече Ковачевски.