Во мигови кога човештвото се наоѓа пред безброј предизвици кои ги негираат клучните цивилизациски придобивки, повеќе од потребни ни се уметноста и културата преку кои ќе повратиме дел од загубените или злоупотребени вредносни системи, рече претседателот Стево Пендаровски кој го отвори фестивалот
Со најпознатите арии на Пучини, Верди, Прокофјев, Брамс… во изведба на светската оперска дива Ангела Георгиу, придружувана од симфонискиот оркестар на Националната опера и балет под диригентската управа на Чипријан Теодорашку, вечерва во Античкиот театар во Охрид беше отворено годинашното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот Стево Пендаровски, кој од сцената им посака слободна мисла на уметниците, преку нивните креации да го преобликуваат и да му дадат поинаква суштина, барем за миг, на она што е гнило и проблематично во светот.
„Не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата. Фестивалот ‘Охридско лето’ е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности“,
рече Пендаровски.
Круцијален национален императив е да го задржиме нивото и квалитетот што со себе го носи фестивалот „Охридско лето“, истакна шефот на државата.
„Само на тој начин ќе оставиме достоен печат на своето постоење во времето во кое живееме. Да оставаме вредности и патокази за следните генерации, да вложуваме во културата и во уметноста. И не само тука во Охрид, да овозможиме уметниците да продолжат да нудат визија за еден подобар свет. Во мигови кога човештвото се наоѓа пред безброј предизвици кои ги негираат клучните цивилизациски придобивки, повеќе од потребни ни се уметноста и културата преку кои ќе повратиме дел од загубените или злоупотребени вредносни системи“,
рече претседателот Пендаровски.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, во своето обраќање пред присутните се осврна на создавачите на „Охридско лето“, луѓето со огромна визија, со бескомпромисна љубов и со неизмерна почит кон македонската акустична култура и уметност, кои, како што рече, тргнале „вооружени“ со храброст и трпение да му се спротивстават и на сомнежот, можеби и на потсмевот, на суетите, и на прогнозите за краток век на идејата да се роди нешто големо и нешто што ќе трае.
„Во време во кое пред очи ни се менува светот со брзина напати тешко совладлива за нашиот разум, брзина која заплашува и ни се чини дека не ветува ништо добро, уметноста, како и многупати досега, ни го чува стравот со својата смирувачка порака – сè ќе биде во ред. Да. Во свет во кој секојдневно ударни наслови се лошите и лажните вести, вестите од културата одат сè подолу, до невидливост. За среќа, оптимистите и уметниците вестите ги читаат со поинаков редослед. Тие знаат дека без уметноста, животот би бил неподнослива празнина. Затоа, ‘Охридско лето’ е подарок“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Пораката од Античкиот тетар во име на уметниците ја упати Бисера Чадловска, која рече дека „Охридско лето“ повторно ќе биде медиум преку кој ќе говорат инспирацијата и креацијата, пренесени од интерпретацијата на уметниците, чија суштина на постоењето e перформативниот израз пред публиката.
Охрид преку овој реномиран светски етаблиран фестивал со високо реноме, се до 20 август ќе живее со уметноста. Наредните 40 дена ќе блеснат сцените на Атичкиот театар, црквата „Св. Софија“, нејзиното предворје, сцената „Долни Сарај“, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот.
Вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот – Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија и Северна Македонија.