Предлог-владиниот состав го поддржаа само пратениците на Прогресивна Бугарија – новоформираната партија на Радев која убедливо победи на парламентарните избори
Со 124 гласа „за“, 70 „против“ и 36 „воздржани“, Народното собрание на Бугарија денеска ја избра новата влада на чело со Румен Радев. Предлог-владиниот состав го поддржаа само пратениците на Прогресивна Бугарија – новоформираната партија на Радев која убедливо победи на парламентарните избори.

Пратениците на ГЕРБ-СДС беа воздржани, а коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“, Движењето за права и слободи – ДПС и Преродба гласаа „против“.
Новоизбраната влада е составена од премиер, четири вицепремиери и 18 министри.
По гласањето, новоизбраните министри дадоа заклетва во парламентот.
„Се колнам во името на Република Бугарија дека ќе ги почитувам Уставот и законите на земјата и во сите мои постапки ќе се водам од интересите на народот“,
рекоа министрите во заклетвата, по што се интонираа химните на Бугарија и на ЕУ.
Во 107. влада на Бугарија ќе има едно министерство помалку. Постојните три министерства – за економија, иновации и електронско управување – треба да се реструктурираат во две. Реформата, како што изјави Радев, има за цел да ја оптимизира работата на кабинетот и да ја намали администрацијата со двојни функции.
