Снежно невреме зафати повеќе градови во Европа, се откажуваат летови, а во цели региони е парализиран и железничкиот сообраќај. Меѓу најпогодените градови е Минхен, каде што само на аеродромот имаше натрупано 40 сантиметри снег. Повеќе од 700 летови беа откажани, а од утринава иако делумно беше пуштен авиосообраќајот, од аеродромот информираат дека сè уште траат рестрикциите, па ги замолуваат патниците навреме да ги проверат летовите.

На социјалните мрежи се споделуваат видеа од авиони затрупани со снег, а на една снимка од аеродромот во Минхен, противпожарно возило помага во извлекувањето на авионот од пистата.
Meanwhile in Munich ❄️✈️
— Breaking Aviation News & Videos (@aviationbrk) December 2, 2023
? schoko131 pic.twitter.com/RHemPHNGk3
И од Холандија се откажуваат летови. Десетици од аеродромот „Схипхол“ во Амстердам денеска се откажани поради снегот што се очекува попладне во Холандија, соопшти управата на аеродромот.
На веб-страницата на аеродромот „Схипхол“ беше објавено дека се откажуваат речиси 150 дојдовни и појдовни летови.
Холандската авиокомпанија KLM, главниот корисник на аеродромот „Схипхол“, потврди за холандската новинска агенција АНП дека откажала 65 европски летови закажани за попладнево и вечерва.
Снежното невреме во текот на ноќта и утринава предизвика проблеми и низ Словенија, а најмногу снег има во Кредарица кај Триглав, каде што наврнаа метар и пол снег, па сега дебелината на снежната покривка на тоа место е 180 сантиметри.
Како што јави словенечката новинска агенција СТА, поради снег на некои патишта има делумен прекин на сообраќајот, а поради силно невреме е затворена и делницата од автопатот од Приморска до Љубљана, меѓу Кастелец и Козина.