Дел од патиштата во Хрватска и Босна и Херцеговина се затворени за сообраќај, а во Црна Гора и Србија се одвива по отежнато по влажни и лизгави патишта, а има и намалена видливост
Снег, силен ветер и одрони предизвикуваат значителни проблеми во сообраќајот во Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.
Дел од хрватските патишта се затворени за сообраќај, а според најавите на метеоролозите до крајот на денот се очекуваат уште посериозни временски непогоди.
Затворен е автопатот од Загреб-Плоче-Караматичи меѓу јазлите Свети Рок и Поседарје, како и неколку патишта во Сплитско-далматинската жупанија.
Поради ветерот и наносите снег во прекин се и некои фериботски и катамарански линии.
Снегот, кој постојано паѓа од вчера, го отежнува сообраќајот и во поголемиот дел од Босна, додека во Херцеговина коловозите се влажни. Според Босанско-херцеговачкиот автомото клуб (БиХАМК) посебно внимание е потребно на делниците преку планинските премини, каде што има набиен снег на патиштата. Оттаму потсетуваат дека за товарни возила е задолжително користење синџири на овие делници.
Поради снежното невреме, сообраќајот е целосно запрен меѓу четири општини во југозападна Босна, како и на граничниот премин кон Хрватска во Изачиќ, известуваат од Автомото сојузот на БиХ. Службите предупредуваат на нови снежни врнежи што дополнително можат да го отежнат сообраќајот.
Во делови од Херцеговина, снежните наноси, поттикнати од силниот ветер, значително го попречуваат сообраќајот.
Надлежните апелираат до возачите да ја приспособат брзината на условите на патиштата и да користат зимска опрема, вклучувајќи синџири на тешките делници.
Метеоролошките прогнози најавуваат продолжување на снежните врнежи, па се очекува ситуацијата на патиштата дополнително да се влоши. Надлежните служби интензивно работат на расчистување и обезбедување проодност, но возачите се советуваат да избегнуваат патувања освен во итни случаи, пренесува Вијести.ба.
Во поголемиот дел од Србија снегот паѓа од вчера попладне, со најголема количина во Бачка, Срем и Белград. Најинтензивни снежни врнежи се очекуваат на западот на земјата, каде што е во сила црвен метеоаларм.
Автопатиштата и другите државни патишта од прва категорија се проодни, но во делови од Белград утринава сообраќајот е отежнат.
Во текот на денот се очекува намалување на интензитетот на врнежите, а снегот ќе премине во дожд во Војводина, како и во Белград и централна Србија.
Проблеми со одвивање на сообраќајот има и во Црна Гора, каде што возачите ги очекуваат влажни и лизгави патишта, со намалена видливост. Во северните и централните региони се забележани снежни врнежи. На патиштата во повисоките предели и преку премините е можен мраз. Чести се и ситни одрони на делниците што минуваат низ клисури.