Во делови од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија почна да врне дожд, наместа и снег, а надлежните служби издадоа предупредувања за обилни врнежи, ниски температури и силен ветер
Во регионот на Западен Балкан пристигна најавената промена на времето која донесе значителен пад на температурите и нови снежни врнежи.
Во делови од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија почна да врне дожд, наместа и снег, а надлежните служби издадоа предупредувања за обилни врнежи, ниски температури и силен ветер.

Во Босна и Херцеговина снег падна во регионот Краина, а во текот на денот снег се очекува и во другите делови на земјата. Во БиХ се очекува да паднат од два до десет сантиметри снег, а на повисоките места и на планините од 15 до 25 сантиметри.
За подрачјето на Бања Лука и Бихаќ е издадено портокалово предупредување поради силен ветер, додека жолто предупредување поради врнежи е во сила во преостанатиот дел од земјата.
Во Хрватска снег паѓа во Лика, Горски Котар, но и во внатрешноста, во Загреб, Карловац, Сисак, Бјеловар и Кутина. Како што најавија хрватските метеоролози, на копно се очекува да се формира снежна покривка, особено во планинските предели каде што би можеле да паднат над 30 сантиметри нов снег.
Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска денеска објави жолт аларм за централните и планинските предели поради снег и можна појава на мраз и обилни врнежи од дожд.
Падот на температурите и во Србија носи лапавица и снег на западот на Војводина и на западот на Србија, како и во други области, претежно јужно од Сава и Дунав.
„Се очекува создавање и зголемување на висината на снежната покривка, главно од два до пет сантиметри во пониските предели, на планините околу 10 сантиметри, а на југозападот на Србија некаде и за повеќе од 15 сантиметри нов снег“,
соопшти Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија.
Се очекува кон крајот на денот и во текот на ноќта да престане да паѓа снегот.
Заводот за хидрометеорологија и сеизмологија на Црна Гора соопшти дека кон крајот на денот на северот од земјата, на планините и во пониските предели се очекува умерен до обилен снег.