Девизниот референт и благајничка во „Орка Холдинг“, Мирјана Бошковска попладнево сведочеше за случајот „Рекет“ каде обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева.
Таа, како што рече, имала овластување и за приватните сметки на семејството Камчеви и во денешниот исказ пред судот раскажуваше како во декември 2018 и февруари 2019 ги вадела парите.
„Во декември на три пати вадев поголеми суми од приватните сметки на сопругата на Јордан Камчев, Ана Камчева и од неговата мајка Ратка Камчева. Исто така и во февруари, кога во еден ден извадив две поголеми суми од сметката на Ратка Камчева и од Кристина Камчева, сестрата на Камчев”, рече Бошковска.
Во декември, сумите кои ги извадила од приватните сметки на Камчеви биле од 12 милиони денари, од 5 милиони денари и од нешто повеќе од 5 милиони денари.
„Еднаш дојде госпоѓата Ана Камчев во холдингот и ги дадов. Потоа и ги однесов во домот, но не влегов, туку седев во колата”, раскажа сметковителката за парите кои од сметките на Камчеви биле вадени додека Орце Камчев беше во притвор во Шутка.
Нагласи дека парите пред да ги предаде ги менувала во евра во менувачница.
„Во февруари извадив 18 милиони денари од сметката на Кристина Камчева, а од таа на Ратка Камчева речиси 21 милион денари. Ги заменив во евра и отидов во домот на Камчеви со обезбедувањето. Влегов од задната врата, господинот Камчев ме чекаше дома, направивме спецификација на парите и си заминав”, рече Бошковска.
Вкупната сума што Бошковска во февруари ја однела во домот на Камчев била 710.000 евра. Како што рече, тогаш Орце Камчев бил во куќен притвор. Заедно ја направиле спецификацијата на парите, групирајќи ги парите по сто банкноти од различни апоени.
“Тоа го правевме во кабинетот на господинот Камчев, бевме само јас и тој, ги преброиме парите, ги стававме по 100, ги запишувавме колку апоени има од по 50 евра, колку од 100, колку од 200, колку од 500 евра. Ги ставивме парите во торба и одозгора ја ставивме спецификацијата. 80 отсто од парите беа во банкноти од 50 евра”, раскажа сметководителката.
Бојан Јовановски ја праша Бошковска во што ги однела парите, а таа рече дека биле две спортски торби – едната помала, другата поголема.
„Како е можно, парите кои вие сте ги донеле во две торби, потоа да се соберат во една?”, праша Боки 13.
На ова Бошковска одговори дека е можно, затоа што кога таа ги носела парите во менувачница, тие биле во две торби, но биле во денари. Кога ги сменила во евра, таа повторно ги ставила во две спортски торби, но овојпат тие не биле полни.
Бошковска денеска сведочеше дека тогаш кога одела во домот на Камчев не го сретнала Јовановски, ниту пак некогаш го запознала.
Бошковска е повикана како сведок на Обвинителството, а Камчев во неговото сведочење рече дека таа заедно со него ги подготувала парите кои им биле дадени на Јовановски и Милески.
Денешното рочиште за „Рекет“ започна со сведочењето на сопругата на Орце Камчев, Ана Камчева.
Таа раскажа за средбите што следувале по притворот на нејзиниот сопруг за случајот „Империја“, за средбите со Јовановски и Јанева и со тогашниот директор на УБК, до моментот кога Камчев излегува од Шутка и од домашен притвор ги продолжува контактите со обвинетите.
Можно е Камчева повторно да биде повикана да сведочи овојпат од одбраната.
Следното рочиште е закажано за 25 декември, кога треба да бидат сослушани четири сведоци.
За досегашниот тек на судењето за „Рекет“ и за сведочењата, прочитајте во поврзаните текстови во продолжение