Начинот на кој е формулиран предлог законот за измени и дополнувањата на Законот за државјанство не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство. Ова е ставот на Македонското здружение на млади правници од каде сметаат дека текстот на законот е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за било какви коментари, мислења и предлози. Според здружението, законот ги става во понеповолна положба луѓето без државјанство кои бараат да станат државјани на Република Северна Македонија (РСМ), од оние кои покрај постоечкото бараат и државјанство во земјава, одосно двојно државјанство.
„Конвенциите на ОН за бездржавјанство и Европската конвенција за државјанство се однесуваат на добивање на државјанство на оние лица кои немаат државјанство. Прашањето за двојно државјанство согласно Европската конвенција за државјанство е предвидено само во поглед на деца родени во државата, а кои поседуваат државјанство на друга држава, како и за лицата кои склучуваат брак“,
велат од здружението.
Тие сметаат дека иако во јавните говори на предлагачите на законот се потенцира решавањето на бездржавјанството, во предлог законот никаде не се изрично споменати лицата без државјанство на кои би им се олеснила натурализацијата.
Тврдат дека предлог законот ги става во понеповолна положба лицата кои се родени и живеат во РСМ целиот свој живот и немаат никакво државјанство, од оние лица кои по 1991 година се иселиле од земјава, имаат државјанство на друга земја, а ќе имаат можност да добијат државјанство на Република Северна Македонија.
„Доколку намерата на овој закон е да се намали или искорени бездржавјанството, тогаш се поставува прашањето зошто условот за законски престој од 8 години за странци се намалува на 7 години, а условот во членот 7-а за лицата без државјанство останува непроменет. Дополнително, зошто за лицата без државјанство согласно член 7-а не се воведени олеснителни околности за прием, како што е тоа направено во член 7 од новиот предлог закон. Доколку се изгласа овој предлог закон како што е предложен ќе биде уште една пропуштена шанса да се реши судбината на голем број луѓе, наши соседи кои се родени тука, живеат тука и никогаш не ја напуштиле државата, а немаат државјанство на ниту една земја“,
велат од здружението.
Македонското здружение на млади правници доставило барање до претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, за итно свикување јавна седница на која ќе се произнесе стручната јавност.
Инаку, според предлог законот за измени и дополнувања на Законот за државјанството кој е пред пратениците денеска по скратена постапка, државјанство ќе може да се бара со платена сметка за струја, вода или телефон, платен данок, здравствена книшка, доказ за лекување, имотен лист, свидетелство и слично, приложени како докази.
Во предлог законот се предвидува годините на престој во државата да се намалат од осум на седум, да се познава македонскиот јазик на ниво доволно барателот да се разбере со околината, а од три на една година се намалува и времето во кое странецот треба да живее на територијата на Македонија за да може да стекне со државјанство.
Законот го иницираа Алијанса за Албанците и Алетернатива и прво се предвидуваше државјанство да се докажува со тројца сведоци.