Пет чешки партии денеска потпишаа договор за новата коалициска влада на десниот центар откако на минатомесечните избори освоија доволно пратенички мандати и сега се на праг да ја сменат владата на актуелниот премиер Андреј Бабиш
Партиите од коалицијата за смена на власта на Бабиш, меѓу кои се умерено евроскептичните Граѓански демократи и централно-левичарската Либерална пиратска партија, ветија дека ќе го намалат буџетскиот дефицит, кој постојано расте од минатата година во услови на пандемија, како и зголемување на пензиите и платите.
На изборите што се одржаа на 8 и 9 октомври овие партии заедно освоија 108 од 200 места во Долниот дом на парламентот.
За време на кампањата тие истакнаа дека се обединети во желбата да го сменат Бабиш, кој е обвинет за судри на интереси преку неговата улога како основач на земјоделскиот конгломерат „Агроферт“.
Бабиш Во 2017 година, пред да стане премиер, ги префрли на фондацијата правата за управување со неговиот конгломерат „Агроферт“ и ги отфрли обвинувањата дека има судир на интереси.
Неговиот веројатен наследник како премиер Петер Фијала рече дека новата коалиција мора брзо да дејствува.
„Мораме што поскоро да почнеме да ги решиме проблемите на луѓето и да ја извлечеме земјата од неколкуте кризи – од здравствена и економска до криза на вредности“,
рече Фијала.
Според чешкото законодавство, Фијала треба да биде именуван за премиер од претседателот Милош Земан, откако актуелната влада ќе поднесе оставка пред конститутивната седница на парламентот, која почнува в понеделник и може да трае неколку дена.
Партијата на Бабиш, АНО, постигна најдобар резултат како поединечна партија, но Бабиш набрзо призна дека нема да може да собере доволно голема коалиција и дека е подготвен да се повлече во опозиција.
Бабиш во кампањата истакна дека на земјата ѝ е потребна стабилност и дека сега е попросперитетна од порано. Тој, исто така, вети дека ќе продолжи да ги зголемува платите и пензиите во јавниот сектор, ја заостри антимигрантската реторика и се спротивстави на предавањето на овластувањата на Европската Унија.