Пораката од играњето беше дека сме одличен тим, многу сложни заедно, дека сме млади и полетни, желни за резултати и дека само што почнавме со работа, вели Груби

Не гледам ништо неморално и неетично во тоа што игравме фудбал во мојата канцеларија, коментарите не се долични, рече вицепремиерот Артан Груби во врска со фотографиите и видеото кои ги објави попладнево, како со уште пет министри од партијата играат фудбал и кошарка во неговиот кабинет во Владата.
Груби посочи дека пораката од играњето била дека се одличен млад тим.
„Пораката од играњето беше дека сме одличен тим, многу сложни заедно, дека сме млади и полетни, желни за резултати и дека само што почнавме со работа“,
рече Груби.
Според него денот бил напорен и предизвикувачки и затоа се собрале на антистрес дружба.
„Не беше во работно време, но и да беше. Беше по завршување на Управувачкиот комитет за изградбата на коридротие 8 и 10-д што е најголем проект во независна Северна Македонија. Потоа имаше владина седница со многу точки и обраќање на шведската амбасадорка. Напорен беше денот, предизвикувачки. Со колегата Насер Нуредини се сретнавме на кафе прв пат откако се повлече од функцијата. Во мојата канцеларија кој и да бил видел дека има фудбал, голче, кош, баскет, топка за ракомет кои ги добив од Агенцијата за млади и спорт, Фудбалската и Кошаркарската федерација. Согласно реогранизацијата на органите на државната управа што ја усвои Владата, Министерството за политички систем треба да ја преземе и Агенцијата за млади и спорт. Затоа заличи канцеларијата на тоа во што ќе прерасне министерството. Не гледам ништо неморално и неетички, едноставно шутирваме, си игравме малку фудбал, пет минути, и баскет. Зошто да не играме внатре? На мало голче игравме фудбал, во тоа не гледаме ништо спорно“,
објасни Груби во вечерашното гостување на ТВ 24.
Тој вели дека во сегашната опозиција нема некој кој е доволно фраер за да игра фудбал, не ми изгледаат како спортски типови.
„Сме станале општество на хистерични реакции за се и сешто“,
додаде Груби.
Вицепремиерот Артан Груби попладнево на својот фејсбук-профил објави фотографии направени во неговата канцеларија во Министерството за политички систем. На фотографиите може да се види како Груби, заедно со останатите министри од ДУИ, се рекреира во просториите на министерството каде што има мал пластичен гол, фудбалска топка, а поставен е и кош.
Во описот на фотографиите Груби пишува:
„Дрим тим. По долг и предизвикувачки ден, придружна антистрес дружба за одбележување на заедничкиот успех. Денес е голем ден!“