Завршен е Инспекцискиот надзор поврзан со родилката – лекарка која се породи на Гинеколошко-акушерската клиника и криеше дека имала контакт со позитивни на ковид-19. Сега тој преминува во надлежност на МВР, истакна денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Иринка Сотирова-Бухова.
Од ДСЗИ констатирале дека нејзината изјава исчезнала од досието, но сега полицијата треба да го заокружи случајот.
„Истиот ден, кога ја добивме информацијата дека родилката која беше примена на 6 јуни на ГАК и која дала лажна изјава потпишана при прием дека немала контакт со лице со респираторни проблеми ниту, пак, дека во семејството има позитивен на корона, го завршивме инспекцискиот надзор таму, при што се констатираше дека во досието на пациентката недостаува конкретната изјава. Во моментот кога нашите инспектори беа таму веќе беше повикано МВР, кое мора и може понатаму да го проследува и да го заврши случајот“,
рече Бухова додавајќи дека ДСЗИ нема ингеренции да ги гледа камерите и да испрашува дел од персоналот кој бил на работа во таа смена.
Меѓутоа, ДСЗИ ги има изјавите и на менаџерскиот тим и на вработените кои биле присутни при прием и при испис на пациентката.
Инспекциски надзор е направен и во Приватната општа болница „Ремедика“ каде што истата пациентка била породена. Таму има изјава во која пациентката наведува дека имала контакт со лице со респираторни проблеми.
„Меѓутоа, во ‘Ремедика’ како и на ГАК, и покрај неискрените податоци, целиот персонал бил со комплетна лична заштитна и немаше висок ризик по вработените ниту, пак, по пациентите кои биле во контакт со оваа пациентка. Случајот за нас како ДСЗИ тука завршува и преминува во рацете на МВР“,
рече Бухова Сотирова.
Во рацете на МВР преминува и случајот со три родилки во Гинеколошката болница во Чаир, кои исто криеле контакти, а каде што исто така е направен вонреден инспекциски надзор.
„Официјално во Државниот санитарен и здравствен инспекторат случајот со трите родилки кои при приемот во Гинекологија Чаир не кажале дека имале контакти со лица заболени од ковид -19 не е пријавен, иако ние сме во секојдневна комуникација со директорот на болницата. Вакви постапки се речиси секојдневни. Сите доктори се соочуваат со неискреност на дел од пациентите. Меѓутоа, како што беше постапката за ГАК каде што ДСЗИ направи вонреден надзор, го констатира тоа што беше видено, постапката потоа мора да ја продолжи МВР, затоа што ингеренциите на ДСЗИ се до одреден степен, сѐ понатаму, вклучително и за овие три пациентки за кои информираше директорот на Болницата во Чаир, се во ингеренции за МВР“,
рече Бухова.
*Поврзани вести
ДСЗИ: Четири медицински лица од „Ремедика“ во самоизолација по породувањето на жената со ковид-19
Докторка која требало да се породи на ГАК не пријавила дека свекорот е позитивен на ковид-19
