Врховниот суд денеска информираше дека ги потврдил затворските казни за Гордана Јанкулоска, Ѓоко Поповски и Никола Груевски, осудени во предметот „Тенк“ на СЈО. И покрај правосилните пресуди, само Јанкулоска имаше „дозвола“ да остане на слобода бидејќи Врховниот суд тогаш ѝ ја одложи казната затвор сѐ до конечна одлука за пресудата
Барањата на осудените се одбиени, затворските казните за „Тенк“ се потврдени. Накусо, тоа е суштината на денешното соопштение на Врховниот суд, што значи и дека по пет години од формирањето на СЈО еден предмет на тоа обвинителство е конечно завршен, без право на жалба или повторување на постапката за обвинетите.
За осудениот Никола Груевски одлуката значи дека кога и да се врати во земјата ќе го чека извршување на казна затвор од најмалку две години. За осудениот Ѓоко Поповски, кој е единствениот зад решетки во овој случај, одлуката значи дека ќе мора да продолжи да ја издржува казната затвор. За осудената Гордана Јанкулоска, одлуката значи дека ќе мора да оди во затвор.
Колку време „доби“ Јанкулоска?
За Гордана Јанкулоска се водеше издвоена постапка во случајот „Тенк“ поради нејзината бременост и породување за време на постапката. Таа беше правосилно осудена на 28 март 2019 година, па набрзо потоа Основниот кривичен суд од Скопје ѝ достави упатен акт за издржување на четиригодишнатa казна затвор. Јанкулоска го обжали решението и доби кратко одложување до средината на летото, односно до моментот кога нејзиното новороденче би наполнило една година.

Една недела пред да треба да се јави во затвор, Јанкулоска доби ново одложување, но сега од Врховниот суд раководен од Јово Вангеловски. Таа побарала, а Врховниот суд прифатил, поранешната министерка да не оди во затвор сѐ додека судот не донесе одлука по нејзиното барање за преиспитување на одлуката на Апелацискиот суд.
Правната можност за такво нешто Врховниот суд најде во Законот за кривичната постапка, но сепак станува збор за екстремно ретка пракса на највисокиот суд. Вообичаено, по правосилна пресуда на Апелацискиот суд за казна затвор, осудените од зад решетки ги чекаат одлуките на Врховниот суд.
„Специјалниот“ третман на Јанкулоска тогаш го осуди и обвинителот што го водеше предметот, Гаврил Бубевски.
Со сите одложувања, Јанкулоска доби околу една година и шест месеци на слобода, кои речиси секој друг граѓанин веројатно би ги минал зад решетки.
Колку време на слобода има Јанкулоска?
Откако Врховниот суд вчера ја потврдил одлуката на Апелацискиот, со тоа автоматски прекинува и решението со кое Јанкулоска доби одложување на издржувањето казна затвор. Но, тоа не значи дека поранешната министерка уште денеска ќе биде спроведена во затвор.
Прво, врховните судии што ја донеле одлуката во кривичниот совет мора и написмено да ги образложат своите пресуди. Најбргу, тој процес би завршил до крајот на следната недела, но најдоцна би можел да потрае и до еден месец.

Откако Врховен ќе ја „напише“ пресудата, таа се исрпаќа во Апелацискиот суд, па од таму во Основниот кривичен суд. Од скопска „единица“ велат дека кога предметот ќе стигне кај нив веднаш се распределува.
„Предметот оди кај судија за извршување на санкции и судијата ѝ доставува Упатен акт на осудената – кога да се јави на издржување на казната затвор. На тој Упатен акт, согласно законските одредби, осудената има право на приговор или жалба, односно барање за одлагање“,
велат за „360 степени“ од Основниот кривичен суд-Скопје
Сето ова значи дека Гордана Јанкулоска, веројатно, ќе биде на слобода уште околу еден месец. Можно е да има и некоја недела плус, зависно од тоа колку брзо ќе се пишува пресудата во Врховниот суд, колку брзо ќе се движи предметот меѓу судовите и колку денови ќе добие за да се јави во затвор од судијата за извршување санкции.