Бранителот на првообвинетиот Бела истакна дека обвинетите на денот на настанот немале план за тоа што се случило
Саздовски, кој бил член на навивачката група „Комити“, во јуни 2018 бил нападнат на автобуската постојка во Автокоманда, при што бил удиран со боксови и клоци во главата и градите
Одбраната на обвинетите во случајот „Саздовски“ и обвинителот Јован Стефановски од Вишото ЈО-Скопје денеска во Апелацискиот суд Скопје ги образложија своите жалби по однос на првостепената пресуда со која Бесир Бела (20) и Скендер Демири (21) се осудени на 19 години казна затвор за свирепо убиство на Никола Саздовски на 29 јуни 2018 година.
Бранителот на првообвинетиот Бела, адвокат Насер Рауфи, во објаснување на поднесената жалба истакна дека обвинетите на денот на настанот немале план за тоа што се случило.
„Немале умисла. Се работи за класичен напад од три лица и тука е сторено кривично дело насилство. По настанот и смртта на оштетениот, се случија протести, имаше мешање на еден парламентарец. По овие случувања, предметот се смени за 360 степени“,
рече адвокат Рауфи и додаде дека свирепоста напишана во пресудата е субјективна.
Обвинителот од Вишето ЈО-Скопје, Јован Стефановски, во своето излагање кратко посочи дека жалбите на одбраната треба да се одбијат и да се потврди одлуката на првостепениот суд по овој предмет.
Обвинетите Бесир Бела и Скендер Демири, осудени од Кривичниот суд Скопје, со по 19 години затвор, во своите излагања бараа да се судат за делото што го направиле, но дека е неприфатлива квалификацијата на обвинителството дека станува збор за убиство на свиреп начин.
Обвинетите и адвокатите во текот на целиот судски процес тврдеа дека нема тука свирепо убиство, туку дека по нападот и тепањето, сега покојниот паднал на метална кутија на ЕВН, што било фатално за него да падне во кома и да почине.
Судијата известител Зоран Димитриевски, читајќи ги отежнувачките околности на кои се осврнал Кривичниот суд Скопје при носење на пресудата, ги наброја изгубениот живот на младото момче, фактот дека тој не може да се врати и штетата што ја претрпеле членовите на семејството на починатиот.
Настанот меѓу обвинетите и Никола Саздовски се случи во јуни 2018 години во автобуската постојка во населбата Автокоманда.
Според сведочењето, Саздовски, кој бил член на навивачката група „Комити“, бил нападнат од обвинетите и удиран со боксови во главата и градите, поради што изгубил рамнотежа и паднал на тротоарот. Тој и натаму бил удиран со клоци по главата и градите, а од ударите добил тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот и паднал во коматозна состојба, а на 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт, по што на 9 јули 2018 година тој починал.
Третообвинетит во овој случај, Јетон Љужа, кој беше во бегство, на крајот на септември беше екстрадиран од Германија, каде што беше фатен во ноември 2019 година.