Додека јавноста очекува соодветен одговор од институциите и лоцирање на одговорноста за бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, од земјава, власта и опозицијата продолжуваат со меѓусебни обвинувања за инцидентот.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека виновни се СДСМ и ДУИ.
„Пајазит Пајазити, судија близок до ДУИ и СДС, го пушти Блерим Рамадани во куќен притвор, за лесно да избега. Пајазит Пајазити е истиот судија кој одлучуваше и за упадот во кулата за летање на аеродромот и за условната пресуда на Иџет Мемети во случајот со поткуп. Секогаш кога СДС и ДУИ имаат интерес, тука е Пајазит Пајазити“,
изјави на денешната прес конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Опозицискиот СДСМ бара власта да не спинува и да ја преземе одговорноста.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ сама себе се демантира за секој обид за манипулација и спин во однос на скандалот со бегството на Блерим Рамадани. Последната комедија на оваа тема се вчерашните изјави на Александар Пандов и вицепремиерот Изет Меџити кои јасно посочија дека вината за бегството и информациите како избегал Рамадани треба да се бара во МВР. Има ли пилот во авионот на Владата? Додека Мицкоски се мачи да ја излаже јавноста дека вината е кај судот, неговиот верен поддржувач Пандов вели дека е во МВР. Кој кога залажува овде? Мицкоски по повеќе скандали сè уште го штити Тошковски кој демонстрира страшна неспособност и мора да си поднесе оставка“,
пишува во соопштението на СДСМ.
Судскиот совет вчера донесе одлука за формирање посебна комисија која ќе треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред бегството на Рамадани од куќен притвор ги донел Основниот кривичен суд Скопје.
Вчера реагираше и министерот за правда Игор Филков кој одлуката на судијата Пајазит Пајазити ја нарече неразбирлива и надвор од досегашната судска пракса со која Блерим Рамадани, кој минатиот месец беше уапсен на македонско-косовската граница врз основа на потерница издадена од Србија, од ефективен беше префрлен во куќен притвор од кој и побегна.