Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по денешната средба на Северноатлантскиот совет во Брисел ѝ порача на Русија дека должи убедливи одговори околу обидот за убиство врз опозиционерот Алексеј Навални.
Како што јави МИА од Брисел, амбасадорите на 30-те земји членки на Алијансата денеска одржаа состанок посветен главно на труењето на Навални. Германскиот амбасадор ги брифирал своите колеги за наодите на германските лекари под чија нега се наоѓа Навални откако беше отруен во авион.
„Имаме докази без сомнеж дека Навални бил отруен со воен нервен агенс од групата новичок. Употребата на ова оружје е ужасна. Секоја употреба на хемиско оружје покажува тотално непочитување кон човечкиот живот и е неприфатливо прекршување на меѓународните норми и правила“,
додаде шефот на Алијансата.
НАТО сега очекува целосна соработка од руските власти во непристрасна и меѓународна истрага за овој случај и бара од Русија целосно да ја обелодени својата програма за новичок пред меѓународната организација за спречување на употреба хемиско оружје.
„Повторно и повторно гледаме нападнати опозициски лидери на рускиот режим, а нивните живот се загрозени. Некои од нив се убиени. Ова не е напад врз една индивидуа, туку врз основните демократски права и ова е сериозно прекршување на меѓународното права и бара меѓународен одговор“,
додаде Столтенберг.
Германска воена лабораторија пред два дена го потврди тоа за што се сомневаше – главниот политички ривал на рускиот претседател Владимир Путин, Алексеј Навални, е отруен од воен нервен агенс од групата новичок.
Во оваа група отрови спаѓа и отровот со кој во 2018 година во Англија беше отруен поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ.