Во изминатите 24 часа регистрирани се 1 294 нови случаи на коронавирус од 12 000 тестирани, додека 20 лица починаа
На сила е забрана за напуштање на матичните општини, полициски час во текот на ноќта и забрана за собирање на повеќе од шест лица надвор од кругот на потесното семејство
Наскоро се очекува одобрување на уште две вакцини и имунизација на 70% од населението до лето
Словенија, во изминатите 24 часа регистрира 1 294 нови случаи на коронавирус од 12 000 тестирани, додека 20 лица починаа, поради што властите констатираа дека епидемиолошкиот тек на болеста е неповолен, за што придонесуваат проблемите со испорака на вакцините и присуството на англиската мутација на вирусот.
Словенија досега употребила 76 000 дози вакцини од компаниите „Фајзер“ и „Модерна“, а во февруари се очекуваат уште 110 000, но, според премиерот Јанез Јанша, испораката на ветените 80 000 дози на вакцината од „Астра Зенека“ е доведена во прашање поради несогласувањата меѓу Европската комисија и производителот.
Тој рече дека се надева на вакцини од „Џонсон и Џонсон“, кои наскоро треба да бидат одобрени и во Европа.
Но здравствените власти сметаат дека без оглед на неизвесноста во набавката, нарачаните количини ветени од „Фајзер“ и “Модерна“ би можеле да бидат доволни за да се вакцинира 70% од населението на Словенија до летото, а состојбата може да се подобри со одобрување на уште две вакцини.
Нема олабавување на мерките
Сепак, предупредувањата се дека во следните недели не може да се очекува значително подобрување на епидемиолошката состојба, ниту ублажување на мерките, туку „трет бран“ на епидемијата, пред се поради присуството на „англискиот вид“ на вирусот, кој е позаразен.
Поради тоа се препорачува строго придржување кон епидемиолошките мерки и намалување на контактите на минимум.
Јанша ги повика локалните власти внимателно да следат дали се почитуваат мерките, а медиумите да не создаваат „негативна клима“ околу мерките, што според него се прави сега.
Во Словенија има забрана за напуштање на матичните општини, полициски час во текот на ноќта и забрана за собирање на повеќе од шест лица надвор од кругот на потесното семејство.