Додека словенечкиот премиер Јанша, чија земја претседава со ЕУ од јули, смета дека Унијата не смее да ја повтори грешката од 2015 година, австрискиот канцелар Курц вели дека во неговата земја веќе има повеќе од 40 000 авганистански бегалци, најмногу во Европа по Германија
Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, денеска изјави дека Европската унија нема да отвори ниту еден хуманитарен или миграциски коридор за Авганистан, како и дека нема да дозволи повторување на мигрантската криза од 2015 година.
„Нема да си дозволиме да ги повториме стратешките грешки од 2015 година. Ќе им помогнеме само на поединци кои ни помогнаа за време на мисијата на НАТО и на земјите -членки на ЕУ кои ја штитат нашата надворешна граница“,
објави Јанша на Твитер, пренесе словенечката агенција СТА.
Во втор твит, словенечкиот премиер посочува како што жените се организираат и се борат со талибанците во одредени делови на Авганистан, така треба да се борат и мажите.
„Не е должност на ЕУ или на Словенија да им помагаат и да ги плаќаат сите на планетата што бегаат, иако би можеле да се борат за својата татковина“,
додаде Јанша.
Словенечките официјални претставници во изминатите денови постојано повторуваат дека само оние што работеле за странски сили и мисии во Авганистан ќе бидат евакуирани и ќе им се помогне да се преселат, а на останатите треба да им помогнат соседните држави на Авганистан.
Еден авганистански преведувач и неговото семејство веќе пристигнаа во Словенија, додека друг се обидува да пристигне на аеродромот во Кабул.
Претходно, конзервативниот австриски канцелар Себастијан Курц изјави дека се противи на приемот на повеќе луѓе кои бегаат од Авганистан.
Во времето на миграциската криза во 2015 и 2016 година, Австрија прифати 90 000 баратели на азил, што е повеќе од еден процент од нејзиното население. Курц ја изгради својата кариера на тврд став за имиграцијата, победувајќи на сите парламентарни избори од 2017 година.
„Јасно сум против тоа доброволно да прифатиме уште луѓе и тоа нема да се случи додека сум канцелар“,
рече тој во интервју за телевизијата Пулс 24.
Неговиот аргумент е дека Австрија веќе има повеќе од 40 000 авганистански бегалци, најмногу во Европа по Германија, која прими 148 000, според податоците на УНХЦР за 2020 година.
Австрија има девет пати помалку население од Германија.
„Австрија даде несразмерно голем придонес“,
додаде тој, мислејќи на големиот број авганистански бегалци и баратели на азил кои веќе се во земјата.
Тој рече дека луѓето што го напуштиле Авганистан треба да останат во регионот и потсети дека соседните Туркменистан и Узбекистан прифатиле само 14, односно 13 бегалци, што се совпаѓа со податоците на УНХЦР.