Поради подобрената епидемиолошка состојба во Словенија, на сите продавници и услужни дејности ќе им биде дозволено да работат од понеделник, а ноќните клубови и дискотеките ќе може да бидат отворени до полноќ, објави словенечката влада.
Вработените во услужните дејности ќе треба да се тестираат за коронавирус еднаш неделно.
На поголемите настани ќе можат да присуствуваат вакцинирани лица, оние кои прележале ковид или имаат негативен тест, пренесе агенцијата Хина.
Во последните 24 часа, во Словенија се потврдени 83 случаи на ковид, а првпат по седум месеци нема починати лица.
Словенија во вторникот прогласи крај на епидемијата предизвикана од ковид-19, но сепак, мерките за заштита ќе останат на сила уште некое време.
Словенија сè уште не е во безбедната „зелена“ зона, според критериумите на Европскиот центар за контрола на болести (ECDC), во сила остануваат заштитните маски во затворен простор, дезинфекцијата на рацете, физичката дистанца и некои други мерки, а присуството на некои групни настани е можно само за вакцинираните, оние кои прележале ковид-19 или лицата кои ќе обезбедат нов негативен ПЦР-тест