Нејзиниот бугарски колега во два наврата се осврна на земјите од Западен Балкан, еднаш во своето обраќање и потоа одговарајќи на новинарско прашање за влијанието на блиските конфликти на европскиот континент. И во двата случаи Радев не ги спомена Северна Македонија и односите со Бугарија, а на прашањето за евроинтеграциите исклучиво зборуваше во регионален контекст
Словенечката претседателка Нашата Пирц Мусар, која од денеска е во официјална посета на Бугарија, на прес-конференцијата со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, меѓу другото, кусо се осврна и на отворените прашања меѓу земјата домаќин и Северна Македонија.
Во обраќањето пред медиумите, кое траеше нешто повеќе од 26 минути, Пирц Мусар ја спомена земјава во контекст на нерешените прашања со Бугарија осврнувајќи се заедно со својот колега на состојбите во земјите од Западниот Балкан и како конфликтите во Украина и на Блискиот Исток влијаат на зголемување на тензиите во овој регион.
„Многу сакам Бугарија и Северна Македонија да ги решат отворените прашања кои ги имаат меѓу себе. И многупати денеска во разговорите со г. Претседател споменавме дека таквите прашања не треба да се занемаруваат, како за Газа, како што е тоа меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и културниот дијалог со кој се поврзани не само нашите две, туку и други држави“,
рече словенечката претседателка на прес-конференцијата која ја пренесе БНТ на својот фејсбук-профил.
Нејзиниот бугарски колега во два наврата се осврна на земјите од Западен Балкан, еднаш во своето обраќање и потоа одговарајќи на новинарско прашање за влијанието на блиските конфликти на европскиот континент. И во двата случаи Радев не ги спомена Северна Македонија и односите со Бугарија, и на прашањето исклучиво зборуваше во регионален контекст.
„Ние сме сведоци на влошена ситуација во глобални рамки, која се разбира не го одминува ниту нашиот регион. За жал напнатоста во земјите од Западен Балкан се зголемува, растат и обидите за влијание на трети страни за зголемување на таа напнатост. Се разбира, Европската Унија дава сериозна помош и внимание таа напнатост да не ги премине критичните граници. Ние очекуваме Европската Унија да даде уште поголема помош и очекуваме навистина да се забрза процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан“,
рече Радев.
Но, како што додаде бугарскиот претседател, нивната позиција во однос на евроинтеграциите е јасна, посочувајќи дека таа треба да се заснова на принципи, од кои најважниот е принципот на заслуги, кој не треба, како што додаде, да стане заложник на геополитиката.
„Затоа што ако ние некритички го забрзаме тој процес и многу брзо ја забрзаме таа интеграција, тоа ќе значи наша несигурност во темелните европски вредности и принципи. И навистина не можат да се дозволат компромиси со Копенхашките критериуми за членство. И Бугарија и Словенија во повеќе наврати ја изразија и продолжуваме да ги поддржуваме земјите од Западен Балкан, но тоа го правиме преку помош за реформи и тоа длабоки реформи во правосудниот систем, владеењето на правото, да има ефикасна економија, да има борба со организираниот криминал, да има борба со корупцијата“,
рече Радев.
Но, како особено важни за Бугарија, говорејќи во таа насока, Радев ги посочи човековите права, уважување на културно-историското наследство и признавање на правото на самоопределување.
„Да се бориме заедно против јазикот на омразата и исто така заедно да помагаме тие земји побрзо да излезат на еден јасен пат кој ќе се заснова на принципите на добрососедство и на европските вредности и норми. Дури тогаш ние ќе имаме вистинска стабилност каква што заслужува нашиот регион, затоа што пак ќе кажам без безбедност и сигурност на Западниот Балкан, без гаранција за неговиот просперитет и успешен економски развој не може да има безбедност и стабилност во Европа. И тоа е наша општа споделена одговорност и тука во регионот и како членки на Европската Унија и како активни учесници во решенијата кои ги носат европските институции“,
изјави бугарскиот претседател на прес-конференцијата со словенечката колешка Нашата Пирц Мусар.