На денешната прес-конференција пред владината зграда, членот на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, рече дека како партија имаат информации од Брисел за ваквиот план на власта
Опозицискиот СДСМ обвини дека Владата на Христијан Мицкоски подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и дека за тоа веќе постојат јасни сигнали од Брисел, Берлин и од Париз. На денешната прес-конференција пред владината зграда, членот на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, рече дека како партија имаат информации од Брисел за ваквиот план на власта.

„Се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали што пристигнаа и од Брисел, Берлин и од Париз. Исцрпени се буквално сите обиди и лаги што претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Се сеќавате, сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори итн. Најновото што го слушнавме од Мицкоски е дека ќе сме влегле во ЕУ, ама без право на глас. Сето тоа падна во вода и веќе нема простор за нови импровизации“,
изјави Жерновски на денешната прес-конференција.
Ваквиот план, додава тој, е поврзан со она што последно го кажа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски – дека постои таен договор за започнување преговори со Европската Унија.
Со ова, додава Жеровски, Владата се обидува да го прикаже како победа тоа што за нив до вчера било лага и велепредавство и што како такво им го продале на гласачите за да дојдат на власт. Според него, јавноста е сведок на пресврт во политиката на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на ставовите додека партијата беше опозиција.
„Сите се зачудивме за наглиот пресврт во политиката и дипломатијата на Тимчо Муцунски. Сè започна со тоа кога самиот призна дека ние не сме северномакедонци, како што тие тврдеа кога беа во опозиција. Дека ние не зборуваме северномакедонски јазик, како што тие тврдеа кога беа во опозиција, туку, напротив, дека денеска сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик. За да се подготви теренот уште подлабоко, дојдоа неговите уверувања дека, замислете, протоколот не е дел од Преговарачката рамка. Нешто што беше основа, клуч за напад врз тогашната власт од денешната опозиција, врз СДСМ. Нешто врз што ги добија изборите“,
изјави Жерновски.
Обвини дека во претстојниот период на гласачите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ ќе им стане јасно дека партијата дошла на власт со лаги и која со лаги се одржува на оваа позиција.
