Обвинетите истражувале случај со кодно име „Чистилиште“, во кој, покрај други лица, осомничени се и премиерот Роберт Фицо и министерот за одбрана Роберт Калиниак

Словачкиот обвинител Микал Шурек и поранешниот шеф на словачката елитна полициска единица НАКА, Љубомир Данико, заедно со уште други двајца поранешни инспектори се обвинети за злоупотреба на моќта од страна на полицискиот инспекторат во Словачка.
Како што пренесува „Политико“, сите работеле на случај за висока корупција под кодно име „Чистилиште“, во кој премиерот Роберт Фицо, министерот за одбрана Роберт Калиниак, како и поранешниот шеф на националната полиција, Тибор Гашпар, заедно со уште неколку високорангирани лица се под сомнение за корупција.
Во изјава за дневниот весник „Деник Н“, Данико ги одбил обвинувањата, тврдејќи дека бил лажно обвинет.
Во четвртиот мандат на Фицо, неговата влада ја укина Канцеларијата на Специјалното обвинителство кое беше задолжено да ги истражува измамите во буџетот на ЕУ, како и случаи на висока корупција – вклучително и предметот „Чистилиште“ и покрај тоа што Европската комисија и Европското јавно обвинителство претходно ја повикаа Словачка да не го затвора Специјалното обвинителство.

Во неодамнешниот извештај на ЕУ за владеењето на правото во Словачка, се вели дека потегот „покренува загриженост во однос на ефективната борба против корупцијата и заштитата на финансиските интереси на ЕУ“ во Словачка. Комисијата, исто така, ја предупреди Братислава дека земјата ризикува да го загуби финансирањето од ЕУ.
Меѓу обвинетите службеници, обвинителот Шурек е единствениот кој продолжил да работи на истрагата за случајот „Чистилиште“. Според критичарите на власта, обвиненијата против него се обид да го одвлечат од случајот.
Во обвинението се вели дека инспекторите направиле грешки за време на истрагата. Шурек, Данико и останатите се соочуваат со затворски казни од седум до 12 години доколку бидат осудени.