„Последнава година слоницата Дуња пројавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност. Ѝ беа констатирани повеќе здравствени проблеми, кои се типични за шеестгодишна слоница. Таа речиси и да не гледаше, имаше проблем со вилицата и забите, а ѝ беше констатиран и комплексен дентален проблем“, информираат од градината
Азиската слоница Дуња, која од 2018 година престојуваше во скопската Зоолошка градина, вчера беше евтаназирана поради симптоми на длабока старост и констатирани повеќе болести. Ова денеска го соопштија од скопската Зоолошка градина откако медиумите излегоа со фотографии и видеа дека во текот на вчерашниот ден е почината една од двете слоници што престојуваат таму.
„Вчера по насока на сопствениците на слоницата Дуња од приватната зоолошка градина ‘Pairi Daiza‘ во Белгија, кои ја позајмија на нашата зоолошка, беше одлучено од страна на експерти (ветеринар, офтамолог и сениор зоо негувател на тимот на слонови), кои изминатите денови ја прегледуваа, беше донесена одлука за нејзина евтаназија“,
се вели во соопштението од Зоолошката градина.
Оттаму додаваат дека стручниот тим проценил дека ниту еден третман ниту операција нема да може да ја спаси, а одлуката за евтаназија бил со цел слоницата да не се мачи.
„Последнава година слоницата Дуња пројавуваше симптоми на длабока старот и изнемоштеност. И беа констатирани повеќе здравствени проблеми, што се типични за шеестгодишна слоница. Таа речиси и да не гледаше, имаше проблем со вилицата и забите, а и беше констатиран и комплексен дентален проблем“,
велат од Зоолошка.
Оттаму посочуваат дека за процесот на обдукција на слоницата и нејзините останки ги следеле законите и правилата, а се консултирале и со тим од Факултетот за ветеринарна медицина.
„Дуња најголем дел од својот живот го има поминато во шведски патувачки циркус патувајќи со него низ цела Европа. Со забраната за користење животни во циркуски точки, Дуња и Даела се сместени во еден од најубавите паркови за слонови во светот во Белгија, каде што е констатирано дека поради нивното трауматично минато нема да можат да живеат во социјална група со други слонови. Така, во 2018 година доаѓаат во Скопје за тука да ги поминат пензионерските години“,
информираат од Зоолошката градина.
Засега, како што велат од Зоолошка, таму останува африканската слоница Даела, за чиј статус дополнително ќе се одлучи заедно со европската група за слонови.
„Дуња, бескрајно ќе ни фалиш на сите, ни беше чест што имавме можност да се грижиме за тебе во твоите ‘пензионерски‘ денови“,
велат од оваа институција.
Пред 2018 година, слон последен пат во Зоолошката градина во Скопје имало пред 26 години.
За слониците Дуња и Даела беше изградено ново живеалиште со затворен и отворен дел.