Ова на денешната прес-конференција го изјави претседателката на Комората, д-р Калина Гривчева-Старделова, која кажа дека по добиената пријава, Судот на честа при Лекарската комора ќе заседава дополнително, по што ќе одлучи дали лекарот ќе се соочи со времено одземање на лиценцата за работа. Максималната казна што може да ја добие, како што рече, е одземање на лиценцата во најдолг рок од седум години
Поради кршење на етичкиот кодекс на лекарите, органите на Лекарската комора (ЛК) веќе отпочнаа постапка за одземање на лиценцата на 43-годишниот анестезиолог од тетовско Одри, кој на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал, но конечната одлука по однос на ова прашање може да се очекува наредната недела.
Ова на денешната прес-конференција го изјави претседателката на Комората, д-р Калина Гривчева-Старделова, која кажа дека по добиената пријава, Судот на честа при ЛК ќе заседава дополнително, по што ќе одлучи дали лекарот ќе се соочи со времено одземање на лиценцата за работа.
„Обвинителот на Судот на честа по разгледувањето на пријавата истата ја прифати и до Судот на честа на Комората достави обвинение против доктор Ваљон Дервиши, анестезиолог кој веќе не е вработен во болницата, со предлог Судот на честа да му изрече мерка за времено одземање на лиценцата за работа, согласно правните регулативи. Обвиниението во овој момент му се доставува на докторот кој е во притвор“
вели Гривчева-Старделова.

Таа додаде дека по истек на временски рокови предвидени во постапката, Судот на честа ќе заседава за донесување конечна одлука, а финалната одлука за евентуално одземање на лиценцата може да се очекува идната недела.
„Максималната казна што може да ја добие е одземање на лиценцата во најдолг рок од седум години“,
изјави Гривчева-Старделова.
Претседателка на Лекарската комора во име на Комората изрази осуда за инцидентот и искрено жалење за состојбата во која се доведени пациентите. Додаде дека лекарите својата професија треба да ја извршуваат совесно и одговорно.
„Секогаш на прво место треба да им биде сочувување на здравјето, со следење на етичките норми и почитување на човековото достоинство, приватноста и интегритетот на пациентите. Лекарот е обврзан да ја чува професионалната тајна, а во професионалниот и приватниот живот да ги негува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството“,
додаде таа.
Инаку, на предлог на Обвинителството, Судот во Тетово му одреди осумдневен притвор на тетовскиот анестезиолот кој на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.
До определување на мерката доаѓа откако Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривичните дела несовесно работење во службата, како и неовластено снимање според чл. 152 ст. 2 од Кривичниот законик.