Министерот за здравство Венко Филипче вечерва најави дека на почетокот на следната недела ќе биде донесена одлука дали ќе продолжи да важи мерката за родителите на деца кои сега се ослободени од работа и за хронично болните.
Во емисијата „10 минути“ на ТВ 21, Филипче рече дека во следните денови за ова ќе биде отворена дискусија во Комисијата за заразни болести и оти одлука може да се очекува на почетокот на следната недела.
„Тоа беше одлука за родители на деца поради тоа што се затворија градинките и училиштата, вклучително и за луѓето кои се хронично болни за кои се уште важи мерката. Меѓутоа, во следните денови ќе отвориме дискусија, најпрво во Комисијата за заразни болести, според проценката на ризик во сегашната ситуација на епидемијата и на почетокот на следната недела ќе донесеме одлука дали тоа ќе продолжи да важи или не. Секако дека еден од факторите што ќе се земе предвид е и отворањето на градинките. Тука зборувам за категоријата на родители на деца до 10 години чии деца ќе можат да одат во градинка“,
изјави Филипче.
Од Министерството за труд и социјална политика претходно вечерва соопштија дека до донесување на друга владина одлука, и натаму важи мерката за ослободување од работа на еден родител на дете до 10 години на кое му е потребна грижа.