Во одговорот до премиерот, Славески во изјавата вели и дека бил избран со убедливо мнозинство од скопјани, за разлика од него кој на премиерската позиција не дошол бидејќи победил на избори
Очигледно премиерот на државата, покрај растечката инфлација, проблемите во економијата, блокадите во градот, истоштените институции, проблемите со бизнисите, има доволно време да се посвети да ја коментира мојата работа, реагира претседавачот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески од ВМРО ДПМНЕ откако премиерот Димитар Ковачевски му порача дека не заслужува да биде на позицијата каде се наоѓа.
Славески во изјавата му честита на Ковачевски и за „полутајната и неформална коалиција“ во Градот Скопје со Данела Арсовска и според него, тоа што премиерот имал средба со градоначалничката дава објаснување за заднината на многу работи, блокади и напади кон него
„Единствениот кој не заслужува да биде премиер е токму Ковачевски, бидејќи тоа Македонија, а гледаме и Градот Скопје ја чини прилично многу. Во оваа прилика, иако не е за фалење можам само да им ја честитам полутајната и неформална коалиција во градот“,
вели Славески во писмената изјава.
На тоа дека не заслужува да биде претседавач на Совет на главен град, Славески потсетува и дека бил избран со убедливо мнозинство од скопјани.
„Ќе нагласам дека како советник, носител на листа сум избран од убедливото мнозинство од граѓаните на Скопје, за разлика од него како премиер кој не е избран на избори, туку поставен на позицијата премиер договорено на зелена маса, во неговата партија. Воедно, повеќе пати сум бил на избори, како носител на листа, за советници и за пратеници. СДСМ во втора изборна единица (неговата и во неговото Куманово) сум го победувал катастрофално со огромна поддршка од негови сограѓани“,
вели Славески.
Ваквите изјави на претседавачот на Советот на Град Скопје, доаѓаат откако премиерот на прес-конференција денеска ја коментираше состојбата во главниот град велејќи дека ништо од ветеното од ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето, а единствено што сме виделе е како Славески краде микрофон.
„Единствено што видовме е дека претседавачот на Совет на Град Скопје ѝ го украде микрофонот на градоначалничката, го криеше таму кај што го криеше, на секоја седница се расправа на најдолен начин со градоначалничката која тој одеше и ја промовираше дека ќе била најдобар градоначалник на Скопје. Таков човек воопшто не заслужува да биде претседавач на совет на главен град на земја членка на НАТО и ЕУ“,
рече Ковачевски.
Не сум јас тој, рече премиерот, што со раководството на СДСМ ја чекаше Арсовска со трубачи по победата лани туку тоа го правеше Христијан Мицкоски со ВМРО-ДПМНЕ.