Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска ја обвинија Владата дека и судството и обвинителството се урнисани, а премиерот Ковачевски продолжил со уривањето онаму каде што застанал неговиот претходник Зоран Заев. СДСМ и ДУИ, вели опозициската партија, градеа кариери и дојдоа на власт со паролата „Нема правда, нема мир“, а всушност работеа на партизација и девастација на судството
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска го повтори неговото разочарување за укинувањето на првостепената пресуда за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“ и кажа дека ова е ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем. Исто така, порача дека органите од правосудството ќе мора да одговорат на многу прашања во текот на билатералниот скрининг со ЕУ во рамки на преговарачкиот процес.
Во коментар за вчерашните најави на одбраната на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, дека ќе реагира до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур за притисоците од извршната власт врз судството, тој посочи дека како премиер и Влада не се мешаат во судската власт бидејќи тоа не е место за политичка борба.
„На правосудниот систем, кој е независна власт, е да низ една транспарентна постапка ги објасни на граѓаните одлуките што се носат и дополнително да работи на своето работење со цел да ја зголеми довербата кај граѓаните и да обезбеди услови за сите граѓани да бидат еднакви пред Уставот. Гледате дека ние сме во постојана комуникација со нашите партнери ЕУ и САД. Поглавјето 23 – Владеењето на правото беше дел од билатералниот скринингот, и секако тој скрининг во кој ќе бидат вклучени и правосудните органи ќе постави многу прашања за кои ќе се бараат одговори и ќе треба да дадат и правосудните органи како независна власт во државата“,
рече Ковачевски.
Она што е на задача на извршната власт, додаде тој, е подготвување законски решенија за унапредување на судската власт и обезбедување финансии средства за непречено функционирање на независниот правосуден систем во државата. Ние таа обврска, тврди премиерот, ја имаме преземено и ја вршиме секојдневно.
На тема за правосудството од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска ја обвинија владата дека и судството и обвинителството се урнисани, а премиерот Ковачевски продолжил со уривањето онаму каде што застанал неговиот претходник Зоран Заев.
„Поразителни се податоците дека се реализирани само 20 отсто од годишната стратегија за борба против корупцијата. Ова покажува дека власта на Ковачевски нема волја да се справува со овој проблем. Во Македонија највисоките функционери во правосудството се бираат од партиските албуми. Таков е случајот и со Обвинителството за гонење на организиран криминал, таков е случајот и со Судскиот совет. Токму оваа последната институција која треба да избира, оценува и разрешува судии ја води кадар кој од приправник во суд, без ден стаж како судија, само поради фотографии со Заев се дограби до висока позиција“,
рече денеска на прес-конференција пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Одговорноста за состојбите, вели тој, е кај СДСМ и ДУИ кои граделе кариера и дојдоа на власт со паролата „Нема правда, нема мир“, а всушност работеле на партизација и девастација на судството.