Скратената постапка во практиката не ги даде очекуваните резултати во однос на ефикасноста, констатираат од невладината ‘коалиција’, за што како пример се посочуваат случаите со малата Тамара и „Шамарите во Центар“
Задоцнетата правда, е исто така, неправда. Секое одолговлекување на судските постапки претставува повреда на правото на судење во разумен рок, без разлика дали станува збор за редовна или скратена постапката. Пасивноста на судовите во однос на навремено завршување на кривичните постапки придонесува тие прекумерно да траат.
Ова го порачуваат од коалицијата„ Сите за правично судење“ во својата најнова публикација насловена „Долгиот пат до правдата во скратена постапка“.
Оттаму посочуваат дека негативното влијание на долгото траење на судските постапки последните неколку децении се почувствуваа не само во нашата земја, туку и во цела Европа, а решението за ова се најде во воведувањето на нови инструменти, како што е скратена постапка за полесните и помалку сериозните кривични предмети. Северна Македонија, исто така, го воведе овој инструмент, но во пракса сликата е поинаква.
„Иако со скратената постапката требаше да се избегне класичната редовна постапка, сведоци сме дека во пракса скратените постапки траат речиси еднакво, а во некои случаи и подолго од редовните“,
наведуваат од Коалицијата.
Скратена постапка, според Законот за кривична постапка во земјава, е предвидена за кривични дела за кои е пропишана парична или казна затвор до пет години.
Од оваа невладина организација посочуваат и на конкретни примери од предмети кои се добро познати и во јавноста, посочувајќи дека овој инструмент во практика не ги даде очекуваните резултати.
„И покрај сите напори за креирање на алтернативи на редовната постапка со цел забрзување на кривичната постапка кога постојат услови за тоа и поедноставување на процедуралните правила кои ја одолговлекуваат правдата, скратената постапка во практиката не ги даде очекуваните резултати во однос на подобрување на ефикасноста на постапката, па честопати текот и траењето на овие постапки воопшто не се разликува од оној на редовните постапки“,
констатира коалицијата „Сите за правично судење“.
Случај „Тамара“
Еден од примерите кои ги наведува невладината организација е судскиот процес за лекувањето и смртта на девојчето Тамара од Велес, кој се отвори против 12 лица обвинети за несовесно работење во службата за што е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години. Постапката започна пред повеќе од две години (4 јули 2018), но до денес нема правосилна пресуда. Од 26 рочишта кои ги мониторирале од Коалицијата, 11 биле одложени и тоа сите поради отсуство на обвинетите или по барање на одбраната.
Од невладината забележуваат и дека мајката на починатата Тамара, како оштетена, била испитувана дури на 4 рочишта.
„Големиот број на рочишта закажани за испитување на оштетената е нешто што е невообичаено како за редовна, така и за скратена постапка, дотолку повеќе што принципот на скратена постапка сугерира сите дејствија да се завршат на едно рочиште. Покрај тоа, видно од самите рочишта е дека оштетената, како мајка на починатата Тамара е изложена на двојна виктимизација со релативно долгиот период на испитување во својство на оштетена, кое нешто во никој случај не треба да се дозволи и толерира од страна на судот“,
пишува во анализата.
Во овој предмет, во октомври лани бил заменет и јавниот обвинител бидејќи дотогашниот поднел барање за изземање.
Сега овој предмет треба да почне од почеток затоа што се поминати 90 дена од последното одржано рочиште. Тоа се одржало на 12 март годинава, а наредните три се одложиле бидејќи отсуствувал обвинет. Новиот почеток требало да биде на 16 месецов, но и до тоа не дошло бидејќи еден од обвинетите имал решение за изолација.
„Со ова закажано рочиште, вкупно се одложени 12 рочишта по предметот, што претставува релативно висока бројка. Од друга страна пак, иако се одржани 14 рочишта, предметот сè уште нема судска разрешница, кое нешто го повлекува прашањето дали овој предмет е сепак премногу комплексен за да се води по скратена постапка или пак ваквото одолговлекување е последица на лошото менаџирање на постапката од страна на судот“,
велат од коалицијата „Сите за правично судење“.
Случај „Насилство во Центар“
Уште еден предмет кој се наведува како пример каде скратената постапка во пракса и не била „скратена“, е „Насилството во Центар“. Случај кој беше отворен од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а потоа премина во рацете на редовните обвинителства. Меѓу обвинетите во тој предмет беа и експемиерот Никола Груевски и бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Коалицијата констатира дека првото рочиште за „Насилството во Центар“ беше закажано на 16 декември 2016, а пресудата стигна на 29 септември оваа година или по речиси четири години.
„Наместо да заврши на едно рочиште, како што одредбите за скратена постапка идеално налагаат, само во 2019 година по предметот беа закажани вкупно 40 рочишта од кои 17 беа одложени, а 23 одржани. Во текот на целата судска постапка која што се водеше 4 години, беа насрочени повеќе од 50 рочишта, а како сведоци беа сослушани повеќе од 20 лица. Исто така беа изведени и голем број на материјални докази како од јавното обвинителство, така и од страна на одбраната на обвинетите“,
пишува во публикацијата.
Постапката, констатираат од невладината, се одолговлекување од различни причини: отсуство на сведоци, преклопување на рочишта за еден обвинет, примопредавање на предмети од СЈО во редовните обвинителства, промена на судијата-поединец…
Која е смислата на скратената постапка?
Во својата анализата коалицијата „Сите за правично судење“ се осврнува и на законската поставеност на скратената постапка каде нагласува дека смислата на овој инструмент не е да се дерогираат правилата кои гарантираат правично и фер судење на обвинетиот, туку имаат за цел поедноставување на постапката.
„Главната расправа во скратената постапка започнува со изнесување на содржината на обвинението, при што започнатата главна расправа ќе се заврши, по можност без прекинување. Интенцијата е всушност, сите дејствија од главната расправа да се преземат на едно рочиште. По заклучувањето на главната расправа судот веднаш ќе ја изрече пресудата и јавно ќе ја објави со образложение за истата, а пресудата мора да се изработи писмено во рок од осум дена од денот на објавувањето“,
пишува во публикацијата.
Инертност наместо искористување на предностите
Коалицијата „Сите за правично судење“ констатира дека наведените примери, меѓу кои и случајот со Тамара и „Насилството во Центар“, укажуваат на инертност во постапувањето на предметите во скратена постапка, наместо да се искористат предностите кои ги нуди овој инструмент токму заради остварување на правото на правично и фер судење.
Секоја држава, забележуваат тие, треба да овозможи правен поредок во кој судовите ќе ги исполнат критериумите како што се правично судење во разумен рок. Судот, пак, е тој кој се грижи за ефикасно и економично раководење со постапката.
„Постојаните одложувања на рочиштата без разлика дали се по вина на одбраната или обвинителството не треба да бидат изговор за долгото траење на постапките, бидејќи странките во постапката можат да користат различни начини за да манипулираат со истата и да ја менуваат динамиката на закажани рочишта, но сепак судот е тој кој не смее да дозволи ваквите постапувања да влијаат на постапката во насока на нејзино одолговлекување, особено кога станува збор за скратена постапка која по својата природа треба да заврши во најкраток можен рок“,
заклучуваат од Коалицијата.
Во публикацијата на невладината организација е наведена и анализа за тоа колку предмети бил обжалени пред Врховниот суд поради принципот – судење во разумен рок.
Повикувајќи се на извештајот за работа на Врховниот суд за минатата година, наведуваат дека Одделот за судење во разумен рок имал во работа вкупно 606 предмети, од кои 429 биле решени, а 235 останале нерешени.
Од решените 429, во 165 или 38,46% Врховен утврдил дека правото на судење во разумен рок е повредено. Овој процент, констатираат од Коалицијата, е голем и покажува дека скоро во секој трет случај постапките пред судовите во земјата траат предолго.