Претседателот на Синдикатот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Миќо Стојановски, објави дека автобусите на ЈСП утре нема да возат зашто вработените сè уште не ги добиле јануарските плати заклучно со 15-ти во месецот, според законскиот рок
Неполн месец откако главниот град минатиот месец беше отсечен од јавниот градски превоз на еден ден, на повидок е нов прекин на сообраќајот на автобусите на ЈСП во Скопје.
Претседателот на Синдикатот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Миќо Стојановски, денеска објави дека автобусите на ЈСП утре нема да возат зашто вработените сè уште не ги добиле јануарските плати.
„Еве, денеска е 15-ти, последниот законски ден за исплата на плата. Чекавме до 14:30 часот кога е последниот миг да се префрлат парите во ЈСП и да легнат на сметката на вработените, но тоа не се случи. Не се договоривме така со градоначалничката и со директорот. Советот на Град Скопје ја заврши својата работа, ја донесе одлуката (за субвенции на ЈСП н.з.). Остана сега уште парите да се префрлат и платата да си биде во редовен рок“,
рече Стојановски на прес-конференција.
Според одлуката на Синдикатот на ЈСП, од утре од 4:30 часот изутрина автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ќе останат во гаражите, а нема да работат ниту билетарниците.
„Сите сме сплотени заедно, ова мора да престане. Каде ќе им оди душата на луѓето не ми е јасно. Сите јавни претпријатија во Скопје си ја поделија јануарската плата, вработените во Град Скопје и Советот на Град Скопје ја поделија својата плата, а замислете, за ЈСП нема плата. Нема плата – нема возење, нема превоз“,
додаде претседателот на Синдикатот на ЈСП.
По ваквата одлука на Синдикатот на ЈСП, со реакција веднаш се јави ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата побараа одговори од скопската градоначалничка Данела Арсовска зошто платите на вработените во ЈСП не се исплатени и покрај тоа што минатиот месец Советот на Град Скопје донесе одлука за субвенции во износ од 11 милиони евра за ЈСП – средства со кои требаше да се исплаќаат платите на вработените во текот на годинава.
„Ретко кога сме изненадени, но не очекувавме дека за толку брзо ќе излезе вистината на виделина, и да се добие потврда за ставовите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, дека ЈСП е бунар без дно, и дека покрај изгласаните 700 милиони денари субвенции Арсовска уште не исплаќа плати за вработените на ЈСП“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.