Причините за одржување на протестот, како што велат од „Зелен хуман град“, се смртните случаи предизвикани од аерозагадувањето кои изнесуваат 17,7 отсто од вкупната смртност во државата на годишно ниво

Со протестен марш, кој ќе започне од пред зградата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), денеска „Зелен хуман град“ и неколку други граѓански инцијативи ќе го изразат своето незадоволство од загадувањето на воздухот. Маршот ќе започне во 16 часот и од МЖСПП ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши пред зградата на Владата.
Причините за одржување на протестот, како што велат од „Зелен хуман град“, се смртните случаи предизвикани од аерозагадувањето кои изнесуваат 17,7 отсто од вкупната смртност во државата на годишно ниво.
„Секоја година во Македонија се бележат околу 3 828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови“,
се вели во повикот за марш од „Зелен хуман град“.
Од „Зелен хуман град“ имаат подготвено предлог-мерки кои бараат од надлежните институции да ги спроведат и со чија имплементација ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе се намали аерозагадувањето.
Од Владата бараат да ја задолжи УХМР да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, како и јавно да објават на регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, а не ги поседуваат.
Како предлог-мерка што ја бараат од иницијативата е и забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот од три метри.
„Овој феномен се нарекува ‘изнудена побарувачка’ и, иако на оние без експертиза во сообраќајот им изгледа логично дека проширувањето на улиците ќе го намали метежот, во реалноста секоја нова улица брзо се пополнува со нови автомобили, повторно создавајќи метеж и застој“,
објаснуваат од ЗХГ.
Оттаму посочуваат дека е потребно да се воведе и забрана на увоз на користени возила постари од 10 години и под ЕУРО 5 стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален стандард ЕУРО 6, одлука која велат дека треба да стапи на сила од идната година.
Освен овие, од „Зелен хуман град“ предлагаат и среднорочни мерки што треба да бидат донесени, а тоа се поставување на густа локална мрежа од мерни станици, изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините да преминат на фотоволтаични системи, а бараат и субвенционирање за фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства, како и субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување.