По написите во дел од медиумите дека цел на нападот била позната пејачка Елена Ристеска, таа вчера на социјалната мрежа Инстаграм се огласи и со тоа го потврди настанот. Посочи дека имало обид за напад кон неа, како и дека за настанот е поднесена кривична пријава и очекува од полицијата да го разреши случајот
Скопјанка во ноќен клуб нападнала друга жена со тврд предмет и ѝ нанела повреда во пределот на главата.
Случајот бил пријавен во Министерството за внатрешни работи (МВР), а Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против едно лице за кривично дело насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничената 38-годишна скопјанка, на 23 октомври во угостителски објект во Скопје, извршила грубо насилство кон една оштетена, физички напаѓајќи ја со тврд предмет и нанесувајќи ѝ повреда на главата. Притоа упатила и вербални закани кон оштетената и кон други присутни лица, со што предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв“,
соопштија од Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека поради сите околности и, како што се вели во соопштението, а пред се можноста за повторување на агресивното и насилното однесување, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка на претпазливост – забрана за осомничената да се приближува или да воспоставува контакти со оштетената.
Претходно од МВР го потврдија случајот.
„На 24.10.2023 полициски службеници од СВР Скопје ја лишија од слобода Е.Т.П. (38) од Скопје, постапувајќи по пријава од Е.Р. (37) од Скопје, дека на 23.10.2023 во угостителски објект на подрачјето на Центар со тврд предмет била нападната од Е.Т.П.. Со Е.Т.П. е извршен службен разговор и таа го признала делото, а извршен е разговор и со сведоци на настанот. По документирање на случајот, против Е.Т.П. е поднесена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ и е предадена на ОЈО Скопје“,
соопштија од МВР.
По написите во дел од медиумите дека цел на нападот била позната пејачка Елена Ристеска, таа вчера на социјалната мрежа Инстаграм се огласи и со тоа го потврди нападот.
„Чувствувам должност и почит кон целата јавност и новинарите да ви се обратам околу натписите во кои се спомнува моето име. Да, точно е дека имаше обид за напад кон мене, но за тоа е поднесена кривична пријава и очекувам од полицијата да го разреши случајот. Очекувам поддршка од сите вас бидејќи ова ми се случи без причина и повод. Не грижете се, јас сум добра, ви благодарам на сите кои ми пишувате да изразите поддршка. После 21-годишна кариера, градење име и реноме на пристојна и нескандалозна личност, ова за мене е нешто што мислам дека најмалку сум го заслужила и го гледам како обид да се извалка моето име. И покрај сето ова, јас продолжувам да пеам за моите фанови“,
напиша Ристеска.