Во соопштението со кое се објавува крајот на Скајп, „Мајкрософт“, кој ја купи платформата во 2011 година за 8,5 милијарди долари, рече дека Скајп бил неопходен дел од обликувањето на модерната комуникација и поддршката на корисниците во безброј важни моменти. Но, во реалноста, велат тие, признаваат дека го тргаат од машината за одржување во живот, на која, реално, работи веќе една деценија
„Мајкрософт“, сопственикот на Скајп, објави дека официјално ќе ја затвори комуникациската платформа за три дена, по повеќе од две децении постоење. Како што наведоа од компанијата, целта е да се фокусираат на нивната моќна бизнис-платформа Тимс, каде што милиони преостанати корисници на Скајп ќе бидат пренасочени во наредните денови, објавува „Индепендент“.

Во соопштението со кое се објавува крајот на Скајп, „Мајкрософт“, кој ја купи платформата во 2011 година за 8,5 милијарди долари, рече дека Скајп бил неопходен дел од обликувањето на модерната комуникација и поддршката на корисниците во безброј важни моменти. Но, во реалноста, велат тие, признаваат дека го тргаат од машината за одржување во живот, на која, реално, работи веќе една деценија.
Скајп не можеше да го држи чекорот со конкурентите како Зум или Слек, кои ја искористија глобалната промена кон работа од дома. Друго можно објаснување е дека Скајп едноставно не беше адаптиран на ерата на паметните телефони. Исто така, постои теорија според која „Мајкрософт“ намерно го турна Скајп во технолошка заостанатост со цел да ја зајакне позицијата на Тимс и во тој процес полека да ја уништи платформата што започна сè.
Кога почна пандемијата на ковид-19, корисниците бараа поопфатни комуникациски решенија, алатки што овозможуваа не само видеоповици, туку и висококвалитетни пораки, соработка во реално време и управување со задачи, сè во рамките на една платформа. Скајп едноставно не можеше да го понуди тоа.
Иако многумина не го отвориле Скајп повеќе од една деценија, сè уште има милиони лојални корисници кои зависат од неговата евтина услуга за меѓународни повици. „Мајкрософт“ не го објави точниот број на корисници кои сè уште се активни, но онлајн форумите се преплавени со илјадници пораки со загриженост.
Тие се прашуваат што ќе се случи со нивната историја на повици, нивниот уникатен Скајп-број или како ќе го научат својот дедо, кој живее илјадници милји подалеку, да го користи Тимс по 20 години комуникација преку Скајп. „Мајкрософт“ изјави дека податоците од историјата на повици ќе бидат префрлени на Тимс како дел од дигиталната миграција.
Питер Рејбурн, креаторот на оригиналниот звучен идентитет на Скајп, вели дека му е жал што платформата се затвора, но признава дека не е она што беше порано.
„Основниот лик што го создадовме изгуби многу од својот ритам. Подобро е да се збогуваме отколку да останеме заглавени со верзија што веќе не е неверојатна“,
рече Рејбурн.