Ситуацијата во Појасот Газа станува сè поочајна, предупреди генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш. Гутереш, кој е во четиридневна посета на Непал, изрази жалење што Израел ги интензивирал своите воени операции.
„Жалам што Израел, наместо многу потребната хуманитарна пауза, поддржана од меѓународната заедница, ги интензивира своите воени операции,“
рече Гутереш.
Шефот на ОН го повтори повикот за итен хуманитарен прекин на огнот и апелираше за континуирана испорака на хуманитарна помош на ниво што ги задоволува потребите на населението на палестинската територија.
Светот е сведок на хуманитарна катастрофа што се одвива пред нашите очи, рече Гутереш додавајќи дека повеќе од два милиони луѓе, кои немаат каде да одат безбедно, се лишени од основните потреби за живот, храна и вода, како и медицинска нега додека бомбардирањето продолжува.
Денеска Министерството за здравство со кое раководи Хамас соопшти дека бројот на жртви од израелските напади се зголемил на 8 005 Палестинци, меѓу кои има повеќе од 3 300 малолетни деца и 2 000 жени.
Минатата недела оттаму објавија и детален список со имињата, годините и матичните броеви на повеќето загинати, а соопштија и дека некои тела се уште не се идентификувани.
Официјалните податоци на убиени од израелска страна во нападот на Хамас за време на крвавиот упад во Израел на 7 октомври изнесува 1400 луѓе.