Шеесетгодишниот Алес Бјаљацки е основач на Центарот за човекови права „Весна“ во Белорусија, кој е основан во 1996 година како одговор на бруталното задушување на уличните протести од страна на Александар Лукашенко
Годинашни добитници на Нобеловата награда за мир се Алес Бјаљацки од Белорусија, како и руската организација за човекови права „Меморијал“ и украинската организација за човекови права Центар за граѓански слободи, соопшти комитетот во Осло.
Годинава престижната награда ја добија еден поединец и две организации.
„Лауреатите на наградата за мир го претставуваат граѓанското општество во нивните земји. Тие долги години го промовираат правото на критикување на власта и заштитата на основните права на граѓаните. Тие направија извонреден напор да ги документираат воените злосторства, кршењето на човековите права и злоупотребата на власта. Тие заедно ја покажуваат важноста на граѓанското општество за мирот и демократијата“,
порачаа победниците во Осло.
Шеесетгодишниот Алес Бјаљацки е основач на Центарот за човекови права „Весна“ во Белорусија, кој е основан во 1996 година како одговор на бруталното задушување на уличните протести од страна на Александар Лукашенко.
„Бјаљацки својот живот го посвети на промовирање на демократијата и мирниот развој во својата татковина“,
соопшти комитетот.
Од 2011 до 2014 година беше уапсен и затворен за даночно затајување, кривично дело кое отсекогаш го негирал. Тој беше повторно приведен во 2020 година по масовните протести поради, како што тврдеа опозицијата и независните набљудувачи, кражбата на изборите што го задржаа Лукашенко на власт.
„Ниту еднаш не се откажа од борбата за човекови права“,
рече претседателот на Комитетот.
Украинскиот центар за граѓански слободи е една од водечките украински организации за човекови права. Основана е во 2007 година, кога претставници на организации од поранешните земји на СССР одлучија да формираат центар за прекугранична поддршка во Киев.
Од почетокот на војната во Украина, Центарот за граѓански слободи работи на идентификување и документирање на руските воени злосторства против украинските цивили.
Руската организација за човекови права „Меморијал“ беше затворена на почетокот на оваа година. Повеќе од 30 години организацијата работеше на откривање на приказните на милиони невини луѓе кои беа егзекутирани, заробени или кривично гонети за време на советската ера.
Оваа организација пред осум години беше ставена на списокот на „странски агенти“ во Русија, за кои Владата тврди дека се финансирани однадвор. Изговорот за затворање на групата било тоа што нивните објави на социјалните мрежи не ги означувале со ознаката „странски агенти“, што налага законот.
Во декември 2021 година Врховниот суд нареди организацијата и сите нејзини регионални подружници да бидат затворени поради кршење на законот од 2012 година.