Распределувањето на истрагите на СЈО по надлежните обвинителства значи дека остануваат живи и предметите во кои се осомничени Али Ахмети и Бујар Османи
Сите истражни постапки што редовното јавно обвинителство ги презеде од Специјалното јавно обвинителство, конечно, се распределени по надлежни јавни обвинителства. Станува збор за 19 постапки, меѓу кои има и такви во кои осомничени се лица од актуелната владејачка гарнитура.

„Сите истражни постапки се распределени на надлежни обвинителствата, во согласност со видот на кривичните дела. Во најголем дел предметите се распределени во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. Јавните обвинители на обвинителствата во кои се распределени предметите сега ќе пристапат кон определувања на обвинителите што ќе постапуваат по овие предмети“,
изјави за „360 степени“ државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Според досегашната пракса, потенцира Јовески, истрагите ќе ги продолжат истите обвинители што ги воделе конкретните предмети додека биле во СЈО. Но, во одредени случаи, ќе добијат и помош.
„За некои предмети ќе се определи уште еден обвинител од обвинителството во кое е распределена одредена истражна постапка, односно обвинители што во изминатиот период биле дел од редовното, а не од Специјалното јавно обвинителство“,
вели Јовески.
Според јавно достапните податоци, 19-те истраги на СЈО што ги презеде редовното обвинителство се:
- null
- Рендген
- Продуцент
- Транспортер 2
- Тарифа 2
- Странски служби
- Друмарина
- Лидери
- Актор
- Попис
- Моќник
- Империја
- Поштенска банка
- Дизајн
- Пропаганда
- Хармонија
- Базни станици
- Пациент
- Подарок
- Табла
Меѓу осомничените во овие предмети се лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, (истрага „Лидери“ и „Попис“), вицепремиерот Бујар Османи (истрага „Пациент“), пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски (истрага „Моќник“), поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски (истрага „Подарок“). Но, меѓу 19-те истраги се и предметите „Империја“ и „Поштенска Банка“, кои според дел од осомничените биле користени за уцена против нив, од што произлезе и случајот „Рекет“.
Дали осомничените лица во истрагите на СЈО ќе станат и обвинети, рано е да се каже. Тие одлуки, на кои најверојатно ќе им претходат прибирање дополнителни докази и известувања, ќе се носат за секој случај одделно.
Еден од клучните фактори за судбината на истрагите на СЈО останува начелното правно мислење на Врховниот суд, во кое обвинителството што го водеше Катица Јанева беше прогласено за ненадлежно за сите предмети за кои немаше обвинение до 30 јуни 2017 година. Од обвинителството засега не соопштуваат дециден став – како се поставиле кон прашањето. Како што објави „360 степени“ уште во септември, не е исклучено дел од доказите, па и цели постапки, да почнат од почеток.