На 6 септември 2019 година специјалната јавна обвинителка Катица Јанева веќе половина месец беше во затворски притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“.
Најстрогата мерката за обезбедување против неа, сепак, не беше пречка токму на тој датум редовното обвинителство да ги преземе сите случаи на обвинителството кое таа го водеше – судските предмети, истрагите и предистражните постапки.

Судските предмети брзо добија и ново-стари обвинители кои ќе ги застапуваат. Пет месеци подоцна таква судбинаа, конечно, дочекаа и истрагите.
ЈО: Истрагите добија обвинители
„360 степени“ повеќе пати се навраќаше на судбината на истрагите на СЈО, меѓу кои има и случаи против актуелни функционери. Денеска за прв пат добивме и официјална потврда дека сите 19 истражни постапки добиле и обвинител или обвинители што ќе ги водат.
„Во сите предмети за кои се интересирате дадени се овластувања на јавни обвинители за натамошно постапување“,
велат од Јавното обвинителство на РСМ за „360 степени“.
Обвинителството засега не дава конкретен одговор на прашањата кои следуваа – дали некоја истрага е близу до обвинение или кои обвинители се задолжени за секоја истрага.
„Дејствијата кои се преземаат во предметите се одлучуваат во секој конкретен предмет одделно. Со оглед на тоа што предметите се во фаза на истрага, во моментов јавното обвинителство не е во можност да сподели повеќе детали“,
велат од Обвинителството.
Досега, сепак, јавниот обвинител Љубомир Јовески не криеше дека преземените истраги ќе ги водат истите обвинители што биле надлежни за тие предмети во СЈО. Но, во дел од истрагите назначен е и втор обвинител, кој доаѓа од структурата на редовното обвинителство.
Живи се и предметите за Ахмети, Османи, Милошоски, Ставревски…
Последниот чекор на редовното обвинителство, да се назначат обвинители за сите истраги кои беа преземени од СЈО, следи по одлуката од пред Нова Година овие предмети да се распределат на конкретни јавни обвинителства.
Тогаш, јавниот обвинител Љубомир Јовески за „360 степени“ објасни и каде се распределени најголем дел од предметите, а најави и дека процесот ќе продолжи.

„Сите истражни постапки се распределени на надлежни обвинителствата, во согласност со видот на кривичните дела. Во најголем дел предметите се распределени во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. Јавните обвинители на обвинителствата во кои се распределени предметите сега ќе пристапат кон определувања на обвинителите што ќе постапуваат по овие предмети“,
изјави Љубомир Јовески за „360 степени“ на 25.12.2019 г.
Според јавно достапните податоци, 19-те истраги на СЈО што сега повторно имаат обвинители кои ќе ги водат се:
- Рендген
- Продуцент
- Транспортер 2
- Тарифа 2
- Странски служби
- Друмарина
- Лидери
- Актор
- Попис
- Моќник
- Империја
- Поштенска банка
- Дизајн
- Пропаганда
- Хармонија
- Базни станици
- Пациент
- Подарок
- Табла
Меѓу осомничените во овие предмети се лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, (истрага „Лидери“ и „Попис“), вицепремиерот Бујар Османи (истрага „Пациент“), пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски (истрага „Моќник“), поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски (истрага „Подарок“).
Но, меѓу 19-те истраги се и предметите „Империја“ и „Поштенска Банка“, кои според дел од осомничените, биле користени за уцена против нив, од што произлезе и случајот „Рекет“.

Еден од клучните фактори за судбината на истрагите на СЈО останува начелното правно мислење на Врховниот суд, во кое обвинителството што го водеше Катица Јанева беше прогласено за ненадлежно за сите дејства и предмети за кои немаше обвинение до 30 јуни 2017 година. Од обвинителството, уште во септември, за 360 степени“ објаснија дека не е исклучено дел од доказите, па и цели постапки, да почнат од почеток.
Од поставеноста на обвинителството кон тоа правно прашање и проактивноста на обвинителите кои сега ги водат истрагите на СЈО ќе зависи дали осомничените лица во истрагите на СЈО ќе станат и обвинети.